Бруцоши на УКИМ / Фото: Слободен печат - Слободан Ѓуриќ

Помалку автономија, повеќе непотизам – академската заедница го критикува предлог-законот за високо образование

Додека власта упорно го фали, академската заедница упатува низа критики кон Предлог-законот, за кој деновиве Министерството за образование почна „карван“ средби и дебати како дел од јавната дискусија за новата регулатива.

Стравот дека ќе се атакува по автономијата на универзитетите, како измена што доаѓа со Законот за високо образование, периодов извади на површина повеќе реакции од професори, студенти, организации… Реакциите се засилуваат околу можноста власта да дава „зелено светло“ за статути, подзаконски акти на универзитетите, како и спојување и раздвојување факултети, што за многумина е погубно на долг рок.

Ходаи: Се удира по автономијата на универзитетите

– Се удира по автономијата на универзитетите. Сите важни правни документи што ги имаат високообразовните установи мора да поминат преку Собранието, но сега мора да имаат позитивно мислење и од Владата. Ова може да се толкува и како неуставно, бидејќи не може Владата да има повеќе ингеренции од законодавниот дом – нагласува за „Слободен печат“ Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени.

Министерката Весна Јаневска посочи дека „нема мешање прсти“, туку универзитетите треба да бидат отчетни кон Владата. Сепак, Ходаи не е уверен дека нема да се чепка автономијата, бидејќи, вели тој, во Владата се неколку партии, додека Собранието е повеќепартиски демократски дом што би оневозможил така лесно да се фаворизира универзитет близок до властите.

– Затоа, нам ни е битно да не се дозволи Владата да каже „да“ или „не“, пред што било да усвои Собранието. Особено ако станува збор за важни документи на универзитетите. Друго, критично е и бришењето на „непотизмот“ што се однесува за иста единица на универзитет. Со новиот закон се отвора патот за фамилијаризација на факултетите, каде што поважно станува презимето отколку способноста и заслугата – забележува Ходаи.

Новиот закон не ја чепка автономноста на универзитетите, но имаат обврска за отчетност, вели Јаневска

Антовска: Спорен е балансот меѓу надзорот и автономијата

За последново е загрижена и Зорана Антовска, научна соработничка на Правниот факултет „Јустинијана Прима“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Таа објаснува дека со Предлог-законот исчезнува одредбата што експлицитно забранува избор во наставно-научни и соработнички звања на „лица што се роднини по крв во права линија на ист факултет“, како што пишува во постојниот закон.

– Таа норма од 2018 година беше јасна заштита од непотизам. Со нејзиното отсуство се отвора простор за враќање практики што Универзитетот одамна требаше да ги надмине – вели Антовска за „Слободен печат“.

Понатаму, составот и надлежностите на Универзитетскиот совет отвораат дилема за балансот меѓу надзорот и автономијата. Со новиот закон, посочува Антовска, четири члена именува Владата, еден Стопанската комора, еден е студент, а пет доаѓаат од Сенатот на УКИМ.

– Иако формално Советот останува делумно академски орган, фактот што извршната власт добива зголемено влијание врз тело со значајни управувачки и надзорни овластувања создава институционален дисбаланс. Особено ако се има предвид дека основач на јавните универзитети е Собранието, а не Владата. Така, извршната власт добива влијание врз автономна јавна установа без директна основачка одговорност – забележува Антовска.

За Антовска нема сомнеж дека намалувањето на студентското учество во Советот е чекор назад. Високото образование најдиректно ги засега студентите, вели таа, а нивната застапеност не треба да биде симболична.

УКИМ / Фото: Слободен печат – Слободан Ѓуриќ

– Особено проблематична е можноста Советот да ја попречува или да ја стопира одлуката на ректорот или на Сенатот, додека во исто време се продолжува мандатот на ректорот. Ваквата комбинација создава концентрација на управувачка моќ и отвора простор за интервенција во академските процеси. Ова е спротивно на принципите утврдени во „Магна карта универзитатум“ и во препораките на Советот на Европа, каде што јасно се истакнува дека наставата и истражувањето мора да бидат независни од политичко влијание – реагира Антовска.

Десковски: Едно утро деканот ќе нè извести дека имаме „колега“ од друг универзитет

Дополнително, новината според која професор може да премине од една јавна установа во друга само со спогодба меѓу установите, без конкурс и без редовна изборна постапка, многумина го карактеризираат како „сериозен удар врз транспарентноста и академската конкуренција“.

– Нема конкурс, нема утврдување потреба, нема постапка за избор, нема избор од Научно-наставнички совет и потврдување од Сенатот ако е за редовен професор, туку само спогодба меѓу установите што ќе ја склучат одговорните лица. Небаре преземате техничка секретарка или дактилограф. Така, секој од нас едно утро ќе може да биде известен од деканот дека добил „колега“ на Катедрата од друг универзитет – реагираше д-р Тони Дескоски на социјалните мрежи, професор на Правниот факултет „Јустинијана Прима“.

Дескоски смета дека единствено решение е Предлог-законот да биде повлечен и да се отвори широка јавна расправа за реформите во високото образование, со цел да се избегнат, како што наведува, штетни последици за универзитетскиот систем.

Сепак, ресорната министерка Јаневска беше децидна: „Нема да го повлечеме Законот за високо образование“. Таа завчера посочи дека документот е поставен на ЕНЕР каде што сите заинтересирани можат да остават коментари.

– Добро е што веќе има изразена дискусија во општеството што значи дека на крајот ќе имаме квалитетни законски решенија, во кои ќе бидат интегрирани сите конструктивни забелешки и сугестии, а такви веќе има – изјави Јаневска.

Наспроти противењето на универзитетите, Јаневска вели дека нема намера да ги повлече законските измени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот