Весна Јаневска / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Наспроти противењето на универзитетите, Јаневска вели дека нема намера да ги повлече законските измени

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска на седницата на Собранието посветена на пратеничките прашања од опозицијата рече дека нема намера да ги повлече предложените измени во Законот за високо образование, наспроти поплаките од универзитетите и барањата од опозицијата тоа да го стори.

Јаневска рече дека нацрт-текстот е објавен на ЕНЕР, каде што, според неа, сите засегнати страни можат да доставуваат коментари.

„Нема да го повлечам законот… за добробит на сите“, рече Јаневска, одговарајќи на прашање од пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.

Министерката рече дека е точно оти има реакции од студенти и професори за дел од предложените измени, но оцени дека критиките „не може да се генерализираат“. Некои од забелешките, според неа, биле „прегенерализирани и исполнети со флоскули“.

Во образложението, Јаневска тврдеше дека нацрт-законот е изработен според европски и светски стандарди и дека предвидува подобрување на студентските права, двегодишни мандати за универзитетските тела и мерки за поддршка на најуспешните студенти, вклучително и оние што се враќаат од престижни универзитети. Како новини ги наведе и финансиската рамка за демонстратори и можностите за вклучување и вработување на студенти преку проекти.

На критиките дека државата се меша во универзитетската автономија, Јаневска возврати дека членот 13, според нејзиното толкување, токму ја штити автономијата, а не ја нарушува. Додаде дека во изработката учествувале „над шеесет професори“ и најави дополнителни расправи и консултации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот