Законите за високо образование во оваа форма ќе направат непоправливи штети, реагира Независниот академски синдикат
Нашите забелешки беа игнорирани, а нацрт-законите за високото образование и науката во нивната суштина останаа непроменети. Јавноста треба да биде информирана за главните забелешки што НАкС ги има за трите закони, кои имаат потенцијал да го уназадат развојот на високото образование и науката во нашата земја, реагираат од Независниот академски синдикат (НАкС), од каде бараат ресорното министерство да ги продолжи разговорите за законските решенија, со цел, како што велат, да се спречат непоправливи штети.
Препорачано
Во своите јавни изјави, претставниците на Владата ги објаснуваа новите услови за избор во наставно-научни и научни звања како нужен чекор за обезбедување на квалитет во високообразовните институции. Од синдикатот не се убедени во тоа.
„Убедени сме дека условите за избор во звања треба да одговараат на спецификите на различните научни и уметнички подрачја, при што мора да бидат создадени неопходни услови за нивно достигнување. Во предложените решенија условите не се применливи за различните научни подрачја и се тешки за достигнување од младите научници, без гаранции за соодветно финансирање и услови за работа. Наместо декларираната цел – зголемување на квалитетот, ваквиот пристап може да има погубен ефект – губење на помладиот кадар на универзитетите“, забележува НакС.
Јаневска најавува построги критериуми за напредување во научните звања на универзитетите
Оттаму велат дека тие континуирано се залагаат за развојот на науката во државата, но, за жал, констатираат дека во Законот за научноистражувачка дејност, не постои вистинска заложба за обврзувачко, континуирано, предвидливо и стратешко финансирање на науката во државата.
„Како предлагачот очекува да бидат исполнети условите за избор во звање, кои во некои аспекти ги надминуваат и оние кои постојат во регионот (на пример Словенија, Србија, Хрватска), со вакво ниво на финансирање во науката во државата, кое е едно од најниските во Европа? Сметаме дека новата Агенција за квалитет во високото образование и науката, во која МОН ќе има директна улога, спротивно на европските критериуми за независност од политиката, не може да обезбеди стручна и независна контрола на примената на законските критериуми за работа. […] Инсистирањето на МОН и на Владата да ги поднесат законските решенија во планираната форма нема да овозможи зголемување на квалитетот во високото образование и науката. Напротив, тоа ќе создаде невозможни услови за реализација на високообразовната дејност, невозможни услови за напредување на младите научници и ќе предизвика сериозен упад на политиката во универзитетската автономија“, стои во реакцијата на НакС.
Освен што бараат МОН повторно да отвори дискусии за законите, од синдикатот даваат и осврт на своите забелешки што ги доставиле до министерството.
Универзитетска, финансиска и кадровска автономија
„МОН може да изврши статусни промени на постојните јавни универзитети и нивните единици, при што може да ги згасне, трансформира или припои со други, без нивна согласност и наведени критериуми, што претставува суштинско загрозување на автономијата на универзитетот. Новиот ЗВО предвидува, за инвестициите и развојот на универзитетите, наместо Сенатот да одлучува Советот на универзитетите. Во Советот на универзитетите членуваат и претставници на извршната власт и ова тело по дефиниција има надзорна функција. Предложеното решение предвидува развојот на универзитетите да зависи од него, што претставува можност за влијание и притисоци од страна на извршната власт“, стои како забелешка од НакС.
Во однос на финансиската автономија, посочуваат дека не е прифатен нивниот предлог јасно и недвосмислено да се дефинираат критериумите за обезбедување и распределба на јавните средства за финансирање на јавните високообразовни институции, со што, ценат дека свесно се остава простор политиката да го диктира финансирањето на дејноста.
„Извршната власт не се откажува од моќта да управува со средствата од самофинансирачките активности и донациите на јавните високообразовни институции преку оставената можност Министерството за финансии (МФ) да врши измени на висината и природата на предвидените трошења на установите во нивните финансиски планови. Ваквото решение може да ги доведе ВОУ во ситуација да не можат да ги реализираат преземените обврски, па дури и кога се работи за донации, односно за средства за реализација на меѓународни проекти“, забележува синдикатот.
Дали ќе има вработување на универзитетите и натаму ќе зависи од политиката, реагираат од НакС. Оттаму посочуваат дека не е прифатено долгогодишното барање вработувањето лица на „испразнети“ работни места, за кои веќе биле обезбедени финансиски средства, да се реализира без да се бара нова согласност за вработување од МОН и од МФ.
„Ваквите ограничувања на кадровската автономија се реална патека за влијание и притисок врз работењето на високообразовните установи од извршната власт, поради самото право на надлежните министерства арбитрарно да одлучуваат дали и кому ќе му дадат согласност за вработување. Одземена е можноста за избор на лица во насловни звања, односно за ангажирање наставно-научен кадар кој не е во работен однос. Одземено им е правото на самостојно да одлучуваат за изборот на лица вработени во стручните и административните служби. Последица од ваквите решенија, особено по факултетите со и онака малоброен кадар, ќе биде недостиг на професори за реализација на предметни програми, што може да доведе до затворање на цели студиски програми и факултети“, нагласува синдикатот.
Академска слобода
Понатаму, од НАкС велат дека предлагачот повторно утврдува практично унифицирани критериуми како услов за избор во наставно-научни звања во различните научни подрачја.
Сметаат дека треба да се отфрли таканаречениот h-индекс како услов за избор во звања.
„Неслучајно во земјите од регионот (Словенија, Хрватска, Србија), со значително поразвиени системи на наука и високо образование, овој индекс не постои како услов при избор во звања. Сметаме дека воведувањето на овој индекс е направено без соодветна анализа, во спротивно ќе се увидеше дека од постојниот млад асистентски кадар исклучително многу мал процент го исполнуваат условот во последните 5 години нивниот h-индекс да изнесува 3 или повеќе. Меѓу другото и поради ова сметаме дека апсолутно е несоодветно за избор во доцент да се зема предвид активата само во последните 5 години. Условите за избор и реизбор на научниот кадар поцелисходно би било да се уредуваат со подзаконски акт донесен од страна на Националниот совет, што би овозможило поголема флексибилност и прилагодување кон специфичностите на различните научни подрачја. Токму така е тоа уредено во земјите од регионот“, нагласуваат од НАкС.
Второ, посочуваат оттаму, за продуцирање научни трудови потребно е редовно вработување на млад кадар, подобрување на инфраструктурата, соодветно, континуирано и предвидливо финансирање на научните истражувања, како и стабилна проектна поддршка – нешто што во најголем дел недостасува во државата.
„За жал, ниту во ЗВО, ниту во Законот за научноистражувачка дејност (ЗНД), извршната власт не се обврзува дека ќе обезбеди средства за финансирање на научноистражувачката дејност. Поради наведеното, сметаме дека овие законски предлози наметнуваат нереални услови за избор во звања, без притоа да се обезбедат реални услови за работа“, стои во реакцијата.
Нелогичности и недоследности
Според НАкС, од една страна се поставуваат „строги“ услови за избор во звање со цел зголемување на квалитетот, а од друга, се намалува најнискиот потребен просек како услов за избор во звање.
„Со сегашниот предлог, наместо просек од 8,00 на двата циклуси на студии одделно, предлагачот бара кумулативен просек од 8,00 од двата циклуси на студии. Со ваквото решение ќе биде можно во наставно-научно звање да биде избрано лице со остварен просек од 6,00 на додипломските студии и просек од 10 на магистерските студии. За отворање универзитет или факултет потребно е да се исполнат голем број услови во поглед на вработен кадар, просторни капацитети, финансиски средства и сл., низ детално пропишана постапка, што е секако оправдано и логично. Од приватните високообразовни установи се бара и банкарска гаранција во висина од дури 70% од школарината на запишаните студенти, и за отворање, и за акредитација на студиски програми. Но, за странските високообразовни установи што се наоѓаат меѓу првите 500 рангирани универзитети на Шангајската листа не се бара исполнување на какви било критериуми“, посочуваат од НАкС.
УКИМ рангиран на 1.990 место од 2.000 најдобри универзитети во светот
Одредени студиски програми се прогласуваат за студии од јавен интерес. Јавниот интерес, забележува синдикатот, се врзува исклучиво со природата на сопственоста на установата, но не и со квалитетот на високообразовни установи, што имплицира дека само јавните високообразовни установи се доволно квалитетни да можат да организираат студии од јавен интерес.
„Колку и да е проблематична или, можеби неуставна, ваквата одредба, уште попроблематична е арбитрарноста на предлагачот во определувањето на тоа кои студиски програми ќе бидат од јавен интерес. На пример, од подрачјето на медицинските науки, за студиски програми од јавен интерес се прогласени студиите по општа медицина, ветерина, медицински сестри и акушерки, но не и студиите по дентална медицина“, нагласуваат од НАкС.
Воедно, од синдикатот посочуваат дека нацрт-законот за научноистражувачка дејност единствено се уредува работењето на самостојните научни установи, но не се дефинирани какви било обврски за финансирање научноистражувачки проекти. Затоа бараат да се формира Фонд за наука кој ќе биде независен од МОН, ќе располага со сериозен буџет, ќе има независна структура за стручна евалуација на проектните апликации во еден транспарентен и компетитивен процес, како и јасна стратегија за својот раст.


