Совет за етика против плагијати, но и да се спречи непотизмот и сексуалното вознемирување на универзитетите, предлага ФОП
Предлог-законот за високо образование деновиве минува низ јавна дебата, а наскоро ќе оди и на гласање, па Форумот за образовни промени (ФОП) објави свои предлози за да се признае и поддржи Националното студентско тело како автономно, легитимно и одлучувачко за студентите, со независно финансирање. Притоа да остане членот 160 од претходната регулатива која, како што велат, го забранува непотизмот на факултетите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Не смееме да дозволиме регрес. Академијата треба да се темели на заслуги, а не на роднински врски. Понатаму, да се признае и спречи сексуалното вознемирување на универзитетите. Тие да воспостават јасни механизми за заштита и пријавување. Да се формира Совет за етика на секој универзитет со надворешни членови, за случаи на плагијаризам и академски прекршоци“, се дел од предлозите на Форумот.
Исто така, бараат да се укине таканаречениот H-индекс како услов за напредување. Наместо тоа, велат од Форумот, тој да служи како индикатор за вреднување во академските евалуации.
„Враќање на критериумот на напредување со просек 8.00 во секој циклус. Неуспехот на еден циклус не може да се компензира во друг. Научното вреднување да не се сведува само на (платформата) Web of science. Според меѓународна пракса, да се признаваат и трудовите индексирани во (научната база на податоци) Scorpus“, соопштуваат од Форумот.
Воедно, бараат и седниците на Сенатот да се пренесуваат во живо.
„Одлуките што се носат таму влијаат директно врз академскиот квалитет и напредок“, констатираат од Форумот за образовни промени.
Министерството за образование и наука веќе недела дена организира „карван“ средби и дебати, како дел од јавната дискусија за новата регулатива. Ресорната министерка Весна Јаневска вчера беше во МАНУ, каде истакна дека она што најмногу се коментира за предлог-законот за високото образование се условите за напредување во звања.
„Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме“, рече таа.
Според министерката, улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата, додека високообразовните установи треба да бидат отчетни кон владата за трошењето на средствата и за постигнатите резултати.
Додека власта упорно го фали, академската заедница упати различни забелешки за предлог-законот. Стравот дека ќе се атакува по автономијата на универзитетите периодов извади на површина повеќе реакции од професори, студенти, организации… Реакциите се засилуваат околу можноста власта да дава „зелено светло“ за статути, подзаконски акти на универзитетите, како и спојување и раздвојување факултети, што за многумина е погубно на долг рок. Се отвораат дилеми за балансот меѓу надзорот и автономијата, а се споменува и дека намалувањето на студентското учество е чекор назад.


