Јаневска на дебата во МАНУ, фото: МОН

Јаневска: Високото образование треба да создава стручни личности, а државата да бара отчетност за средствата и резултатите на универзитетите

Она што најмногу се коментира за предлог-законот за високото образование се условите за напредување во звања. Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме. Го разбирам стравот на академската заедница, разбирам дека од една фаза треба да поминеме во друга, но критериумите кои ги предлагаме се достижни, истакна денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на јавна дебата во МАНУ.

Според министерката, улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата.

„Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна државата ги финансира високообразовните установи и оттука, треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, посочи Јаневска.

Законот што е во јавна дискусија, министерката смета дека нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка која недостасува кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа која е неделива од образовната. Таа рече дека Предлог-законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.

„Треба да се довршат сите јавните расправи, и потоа, кога ќе биде сé што треба коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена, по што ќе влезе во владина процедура“, посочи Јаневска.

Предлог-законот досега привлече различни забелешки. Стравот дека ќе се атакува по автономијата на универзитетите периодов извади на површина повеќе реакции од професори, студенти, организации… Реакциите се засилуваат околу можноста власта да дава „зелено светло“ за статути, подзаконски акти на универзитетите, како и спојување и раздвојување факултети, што за многумина е погубно на долг рок. Доста се критикува и бришењето на одредбата која во претходниот Закон за високо образование беше ставена да ги заштитува факултетите од непотизам.

Помалку автономија, повеќе непотизам – академската заедница го критикува предлог-законот за високо образование

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот