Почна изградбата на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје / Фото: Фејсбук

„Образованието мора да биде темел на развојот на државата“ – започна изградбата на новиот кампус на Универзитетот Мајка Тереза

Започна изградбата на новиот, модерен кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, за кој Владата обезбеди вкупно 42 милиони евра. Од нив, 40 милиони евра се наменети за изградба на објектите, а околу 2 милиони евра за надзор на градбата.

Новиот кампус ќе се гради на површина од 31 илјади метри квадратни, и ќе претставува современ академски комплекс, со модерни објекти, амфитеатри, студентски простори, спортски сали, базен и инфраструктура која ќе одговара на потребите на современото високо образование.

Почна изградбата на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје / Фото: Фејсбук

На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, како и градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.  Мицкоски рече дека овој проект претставува стратешка инвестиција во иднината на државата.

„Нашата визија е јасна: образованието мора да биде темел на развојот на државата. Нема силна економија без силни универзитети. Нема модерна држава без образовани и мотивирани млади луѓе. Затоа паралелно инвестираме во модернизација на училиштата, во подобрување на условите за работа на наставниците и професорите, во нови образовни програми, во дигитализација на наставата и во поврзување на образованието со потребите на современата економија.

Нашата цел е јасна – младите луѓе да имаат можност да студираат, да се развиваат и да ја градат својата кариера тука, во својата држава. Универзитетите мора да бидат центри на знаење, истражување и иновации. Места каде што се создаваат идеи, каде што се развиваат нови технологии и каде што се подготвуваат генерации кои ќе ја водат државата напред“ рече премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека Универзитетот „Мајка Тереза“ е важен дел од таа академска мрежа и дека со овој нов кампус „му даваме можност да се развива уште посилно и да стане современ образовен центар кој ќе им служи на студентите, на академската заедница и на целото општество“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот