МОН не ги прифати најголемиот дел наши забелешки за законите за високо образование, реагира Независниот академски синдикат
Независниот академски синдикат (НАкС) информира дека изминатиов петок, 17 април, по своја иницијатива имал средба со министерката за образование и наука, Весна Јаневска и со претставници на ресорното министерство, но немало разбирачка за повеќето нивни предлози поврзани со пакетот предлог-закони за високото образование, научноистражувачката дејност и обезбедувањето квалитет.
Препорачано
„И покрај изнесените аргументи и укажувања, НАкС со жалење констатира дека на средбата не беа прифатени најголем дел од нашите предлози за подобрување на текстот на законите. Претставниците на МОН изразија отвореност само за подобрено дефинирање на релевантните научни бази за научното поле на јазиците и книжевноста“, посочуваат од НакС.
На средбата, претставниците на НАкС детално ги образложиле своите забелешки, ставови и аргументи во однос на предложените законски решенија, со посебен акцент на прашањата поврзани со почитувањето на принципот на универзитетската автономија.
Понатаму, се зборувало за распределбата на надлежностите меѓу независните тела и извршната власт, за условите за избор во наставно-научни и научни звања, за финансирањето на научноистражувачката дејност, како и за финансиската и кадровската автономија на високообразовните и научните установи.
„НАкС останува посветен на принципите на академска автономија, заштита на квалитетот и на институционалната одговорност во високото образование и науката и ја реафирмира својата подготвеност за натамошен дијалог со сите релевантни чинители, со цел изнаоѓање решенија што ќе придонесат за одржлив развој на македонскиот систем на високото образование и науката“, посочуваат од Независниот академски синдикат.
Тие претходно побараа да продолжат разговорите со МОН, со цел, како што ракоа, да се спречат непоправливи штети.
„Слободен печат“ веќе пишуваше дека пакетот закони за високо образование и наука полека се движат кон Собранието, а со нив и пофалбите на извршната власт дека „нудат многу можности и ги подобруваат универзитетите“, и дека „во законските решенијата се вкучени сите конструктивни предлози“, иако критиките и реакциите од академската заедница сигнализираат нешто спротивно.
Министерството за образование и наука (МОН) не ни одговори што досега од множеството предлози и критики било вметнато во законското решение пред Предлогот да стаса до законодавниот дом на гласање.
Власта не кажува кои предлози за измени на Законот за високо образование ги прифатила
Форумот за образовни промени (ФОП) финалната верзија на законот ја окарактеризира како „фасада на демократијата“, односно „театар во кој студентите и професорите беа статисти“. Предлозите на ФОП биле игнорирани.
Националното студентско тело нема да биде правно признаено. Нема да биде формиран Совет за етика, ха-индексот останува, но сега како факултативен критериум. Исто така, реагираа дека не се брише и членот поврзан со непотизмот.
Од Младински образовен форум (МОФ), пак, рекоа дека студентите остануваат маргинализирани преку Универзитетското студентско тело. Предложениот закон за високо образование во ова тело предвидува учество на само еден студент од 11 членови, од кои, како што алармираа, поголем дел се владини претставници.
Студентите остануваат маргинализирани со новото законско решение, реагира Младински образовен форум
Инаку, пакетот закони го опфаќа Законот за високо образование, Законот за обезбедување квалитет и Законот за научно-истражувачка дејност, со главна цел да се воспостави систем кој ќе ги мотивира младите да останат во Македонија.
Конкретно, најдобрите студенти и оние кои завршиле на некој од првите 100 светски универзитети ќе имаат предност при вработување. Министерката Јаневска најави и нов модел на финансирање со развојна компонента и компонента за успешност, односно повеќе средства за универзитетите што ќе исполнат повисоки критериуми.
„Новата законска рамка нуди многу повеќе можности за професорите, научниците, истражувачите и студентите за личен развој и за придонес кон градењето на општество базирано на знаења, вештини, научни достигнувања и иновации“, рече министерката, посочувајќи дека процесот за законите е „транспарентен и трае една и пол година“.
Јаневска најавува построги критериуми за напредување во научните звања на универзитетите
Премиерот Христијан Мицкоски во петокот повторно го фалеше законското решение. Истовремено, на критиките возврати со обвинувања дека „oние што се против законот сакаат плата од 150.000 денари, а не сакаат да напишат труд“.
„И нашиот најстар, најреномиран, еве би рекол Универзитет, во моментот „Свети Кирил и Методиј“, на Шангајската листа падна 1.000 место. Всушност, не знам и дали воопшто е рангиран. А едно време беше рангиран. Е сега, тие сакаат да работат еден ден во неделата. Сакаат плата 120.000 до 150.000 денари, а не сакаат еден труд да напишат годишно, што им е работа. Не сакаат еден труд да напишат“, рече Мицкоски.


