Студентите остануваат маргинализирани со новото законско решение, реагира Младински образовен форум
Студентите, преку Универзитетското студентско тело, остануваат маргинализирани. Предложениот закон за високо образование во ова тело предвидува учество на само еден студент од 11 членови на телото, од кои поголем дел се владини претставници. Тој еден студент, претставува само 9 отсто учество во управувањето. Студентите како носители на процесите, заслужуваат поголемо влијание во органите на универзитетите, особено во однос на тела од кои произлегуваат одлуки за програмите, буџетите на универзитетите, реагира Младински образовен форум (МОФ), кој ги претстави своите забелешки и ставови што ги доставил за новото законско решение.
Препорачано
Покрај формалните недостатоци во самиот текст, посочуваат од МОФ, содржината на предлог‑законот отвора повеќе суштински прашања. Терминот „интердисциплинарност“, велат од организацијата, се споменува во неколку членови (24, 29, 125, 133), но контекстот не е насочен како стимул за развој на интердисциплинарни студиски програми.
„Во ситуација во која квалитетот на високото образование потфрла, универзитетите треба да ги охрабрат програмите кои комбинираат различни дисциплини и ги подготвуваат студентите за динамичноста на пазарот на трудот. Поради тоа е потребно да се создадат механизми за поттикнување на такви студии и да се овозможи надоградување преку постдипломска едукација во области каде студентите веќе имаат искуство“, посочуваат од организацијата.
Понатаму, како што нагласуваат, предлогот не го гарантира правото на пристапност за студирање на лица со попреченост и не нуди јасни механизми за реализација на таква поддршка.
„Законските решенија мора да вклучат одредби за физичка пристапност (рампи, прилагодени тоалети), академски приспособувања и финансиска поддршка за ранливите групи. Доколку ваквата регулација се остава на слободна волја на интерните акти на универзитетите, се отвораат голем број на можности за дискриминација на ранливите групи“, забележува МОФ.
Во предложеното решение има бесплатна и професионална поддршка за физичко и ментално здравје на студентите, но, велат тие, тоа не ја дефинира формата, начинот ниту одговорноста за нејзина реализација. Членот 91 го задржува сегашното учество на студентите во Наставно-научните совети од 10 до 15%, наместо, како што посочуваат, да понуди поголем стимул и проширена вклученост во процесите на одлучување.
„Во однос на финансиските импликации на студирањето, во членот 112 се наведени сите извори на финансирање на високообразовните установи, но изостанува продажбата на учебници. Сметаме дека со регулирање на продажбата на учебниците, се намалува сивата економија, можноста за корупција во академската средина, и истата влијае кон подобрување на квалитетот на учебниците и стандардизација на цените“, стои во реакцијата.
Дополнително, реагираат што се избришани одредбите кои го оневозможуваат непотизмот при вработувањето на универзитетите, одредби кои стојат во постоечкиот закон, што, според МОФ, отвора простор за корупција при вработување на универзитетите.
„Членот 175 е во колизија со декларативните напори на министерството за прекин на вечните академски титули и долготрајноста на академските звања. Особено во ситуација во која млади кадри чекаат вработување на факултети, клаузули кои овозможуваат професори во пензија да продолжат со предавања, се директен импулс за разочарување на младите. Разочарување кое во краен степен, придонесува кон иселување на младите. Понатаму, предложениот текст укажува дека пропушта да го искористи потенцијалот за целосна или парцијална дигитализација на студирањето. Дополнително што во целиот закон не се ни искористени зборовите ‘вештачка интелигенција’, што претставува еден огромен сегмент на модернизација на новото секојдневие, нерегулиран во законот. Регулацијата на овие полиња би можело да ги подобри пристапноста и квалитетот на наставата, како и заштитата на критичната мисла од една страна и плагијаризмот од друга“, се вели во реакцијата.
За крај, нагласуваат од МОФ, присутна е сериозна контрадикторност која ја тангира академската автономија.
„Членовите 198, 199, 200 и 201 се во колизија со принципите на автономија утврдени во член 13, со што се отвора простор за прекумерна државна контрола и политичко влијание. Ова претставува директен упад во автономијата на универзитетите. Контролата над квалитетот треба да се регулира преку Агенцијата за квалитет (уредена во друг закон). Универзитетите императивно треба да уживаат слобода и автономија, со прецизно дефинирани надлежности на државните органи и механизми за одговорност кои не ја рушат истата“, забележува МОФ.
Младинскиот образовен форум ја препознава потребата за нов закон, смета дека е реална и ја поддржува насоката кон подобро и поквалитетно високо образование. Сепак, велат оттаму, неопходно е да се упати апел дека предложениот текст потребно е да биде темелно редактиран, да се интегрираат препораките од јавноста и да се воведат механизми кои ќе обезбедат инклузивно, транспарентно и одржливо високо образование.
„Само така реформата вистински ќе ги рефлектира потребите на младите и ќе создаде услови за вистински универзитети конкурентни на светско ниво“, стои во реакцијата.


