Деструктивно е да бидеме критикувани, реагираат студенти по Меѓународни и интеркултурни студии по изјавите на министерката Јаневска
Нападот на едни од најквалитетните кадри и студии, претставува дополнителен удар врз мал број студенти, кои обратно-пропорционално од перцепцијата на јавноста, се задоволни од своите студии, токму во Македонија, токму на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, реагираат студенти од програмата Меѓународни и интеркултурни студии, по јавните изјави на министерката за образование Весна Јаневска.
Препорачано
Јаневска во свој јавен настап на „Директно“ на Телма, каде што се дискутираше за новиот предлог-закон за високо образование, зборуваше за „мултикултурни студии“ и рече дека „постојат бројни такви студии на сите јавни универзитети кои постојано објавуваат некакви студиски програми, а им се запишуваат 3 или 5 студенти, што е неиздржливо“.
Од друга страна, со своја објава на официјалната страна на Фејсбук, од Меѓународни и интеркултурни студии дадоа свои аргументи за оправданост на програмата, а упатените критики ги карактеризираа како „деструктивни“.
„Студиската програма прв пат е воспоставена во академската 2017 година, и секоја година со распишување на конкурсот за упис на студенти, се движи со квота од помалку или повеќе од 25 студенти (вообичаено 10 во државна, 10 во приватна квота и 5 вонредни студенти). Филозофскиот факултет, проценува дека тоа е доволен број на заинтересирани студенти, што и во пракса се покажало точно“, стои во реакцијата.
Меѓународни и интеркултурни студии, од моментот на нејзиното воспоставување, до ден денешен, велат оттаму, е единствената интердисциплинарна студиска програма – принцип на студирање следен на многу универзитети кои се наоѓаат на врвот на Шангајската листа.
Според објавата, малата бројка на студенти, со интердисциплинарниот метод на функционирање, кој претпочита следење на предмети од повеќе факултети на УКИМ, како Филозофскиот, Економскиот, Правниот и други факултети, претставува само практичност и ефективност.
„Во ситуација во која, високото образование се соочува со хиперпродукција на монолитни дипломи, дипломирани студенти без никакво искуство и високо образование кое е на дното на сите параметри на академски напредок на светско ниво, деструктивно е токму вакви студентски програми да се критикуваат. Напротив, интердисциплинарноста и квалитетот на студирање на МИС, се вредности кои треба да се стимулираат во скоро сите веќе постоечки студиски програми“, забележуваат оттаму.
Дополнително, посочуваат дека дипломираните кадри од оваа студиска програма, со звање политиколог по меѓународни и интеркултурни односи, денес се меѓу најистакнатите гласови во граѓанскиот сектор во државата.
„Тие се активни претставници во меѓународни, регионални и интервладини организации, дел од нив се вклучени и во институциите на системот, но пред сè се лидери што водат и креираат општествени промени за подобро иднина за сите. Сево ова е доказ за тоа колку навистина е успешна оваа студиска програма. Очекуваме дека ваквата реторика, претставува само лапсус и исклучок, во тоа како државата ги поттикнува младите, својата академска и професионална кариера да ја остваруваат во Македонија“, стои во реацијата на програмата, која е дел од УНЕСКО катедрата за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет на УКИМ.
Инаку, во однос на предлог-законот за високо образование, од МОН рекоа дека тој ќе се надгради со сите издржани сугестии на академската заедница и пошироката јавност, а најмалку 60 професори учествувале во изработка на новата законска рамка.
Од МОН посочуваат дека универзитети со по 3 или 5 студенти за кои се ангажирани голем број професори, можат да бидат „многу попродуктивни доколку се ангажираат за развој на образованието, за забрзување на дигитализација, развој на науката и други повисоки цели“ и „неопходна е реорганизација на дел од студиските програми“.
„Лажни се информациите кои се пласираат во јавноста дека би се укинале студиски програми на кои има малку студенти, а се од национален интерес како оние по македонски јазик и литература, национална историја, филозофија и други“, рече министерката Јаневска.
Од аспект на автономијата на универзитетите, Јаневска претходно кажа дека нема да е чепната со законот, но голем дел од високообразовните институции треба да бидаг отчетни кон Владата.


