Власта не кажува кои предлози за измени на Законот за високо образование ги прифатила
Пакетот закони за високо образование и наука полека се движат кон Собранието, а со нив и пофалбите на извршната власт дека „нудат многу можности и ги подобруваат универзитетите“, и дека „во законските решенијата се вкучени сите конструктивни предлози“, иако критиките и реакциите од академската заедница сигнализираат нешто спротивно.
Министерката за образование Весна Јаневска, придружена од премиерот Христијан Мицкоски, го презентираа новиот Закон за високо образование кој треба да биде усвоен во Собранието. Власта го претставува како историска реформа која ќе го подигне квалитетот и ќе ги задржи младите во земјата и дека во него се вклучени бројни сугестии на сите засегнати страни.
Препорачано
Универзитетите, студентите и дел од академската заедница, сепак, имаат поинакво мислење. Министерството за образование и наука (МОН) до објавувањето на текстов не ни кажа што досега од множеството предлози и критики било вметнато во законското решение пред Предлогот да стаса до законодавниот дом на гласање.
Ветувања наспроти реакции
Пакетот закони го опфаќа Законот за високо образование, Законот за обезбедување квалитет и Законот за научно-истражувачка дејност, со главна цел да се воспостави систем кој ќе ги мотивира младите да останат во Македонија.
Конкретно, најдобрите студенти и оние кои завршиле на некој од првите 100 светски универзитети ќе имаат предност при вработување. Министерката Јаневска најави и нов модел на финансирање со развојна компонента и компонента за успешност, односно повеќе средства за универзитетите што ќе исполнат повисоки критериуми.
– Новата законска рамка нуди многу повеќе можности за професорите, научниците, истражувачите и студентите за личен развој и за придонес кон градењето на општество базирано на знаења, вештини, научни достигнувања и иновации – рече министерката, посочувајќи дека процесот за законите е „транспарентен и трае една и пол година“.
Активистот Александар Николовски, бившиот студентски лидер на УКИМ, кажа дека и младите сакаат да учествуваат во процесите и имаат што да кажат, но сакаат и да бидат навремено информирани за конференции.
Форумот за образовни промени (ФОП) финалната верзија на законот ја окарактеризира како „фасада на демократијата“, односно „театар во кој студентите и професорите беа статисти“. Предлозите на ФОП биле игнорирани.
Националното студентско тело нема да биде правно признаено. Нема да биде формиран Совет за етика, ха-индексот останува, но сега како факултативен критериум. Исто така, не се брише и членот поврзан со непотизмот.
– Освен што ризикуваме факултетите да ги наполниме со браќа и сестри, пораката која им се испраќа на оние кои досега вработуваа свои роднини е дека биле во право – реагираа оттаму.
Од Независниот академски синдикат (НАкС) слично како и Форумот, забележаа дека нивните предлози биле игнорирани, а финалниот законски продукт, во суштина, останува непроменет. Затоа побараа разговорите со ресорното минитерство да продолжат, со цел, како што рекоа, да се спречат непоправливи штети.
– Инсистирањето на МОН и на Владата да ги поднесат решенијата во планираната форма нема да овозможи зголемување на квалитетот во високото образование и науката. Напротив, тоа ќе создаде невозможни услови за реализација на високообразовната дејност, невозможни услови за напредување на младите научници и ќе предизвика сериозен упад на политиката во универзитетската автономија – алармираа од НакС.
Исто така, реагираа и професори од три универзитети – Универзитетот во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитетот „Мајка Тереза”. Тие излегоа со заедничко отворено писмо – дека реформите директно задираат во автономијата на универзитетите.
Клучна забелешка е одредбата која дозволува Министерството да иницира статусни промени, вклучително и спојување на универзитети, без потребната двотретинска согласност на Сенатот. Забелешки има и во делот на вонредното студирање, каде универзитетите укажуваат дека токму тие најдобро ги познаваат сопствените научни области и дека апстрактна законска забрана не може да ја замени таа проценка.
Мицкоски: Оние што се против законот сакаат плата од 150.000 денари, а не сакаат да напишат труд
Премиерот Христијан Мицкоски повторно го фалеше законското решение. Истовремено, на критиките возврати со обвинувања.
– Сите оние политички шпекуланти што јавно кажуваа дека се против законот, наводно, на тој начин се нарушувала автономијата, импровизираат и манипулираат. Впрочем, ги видоа ректорите на државните универзитети како го поддржуваат. Тие, во суштина, се плашат од новите критериуми за избор во звање. Досега работевме по Законот од 2018 година. И нашиот најстар, најреномиран, еве би рекол Универзитет, во моментот „Свети Кирил и Методиј“, на Шангајската листа падна 1.000 место. Всушност, не знам и дали воопшто е рангиран. А едно време беше рангиран. Е сега, тие сакаат да работат еден ден во неделата. Сакаат плата 120.000 до 150.000 денари, а не сакаат еден труд да напишат годишно, што им е работа. Не сакаат еден труд да напишат – рече Мицкоски.
Новиот закон за високо образование создава услови младите да останат тука, вели Мицкоски


