Убава и храбра: Гал Гадот, несудената светска убавица која две години во војска ја бранела татковината

Фото: Инстаграм

Ѕвездата на новиот филмски хит „Супержена 1984“ е поранешна мис и инструкторка по боречки вештини, а за успехот вели дека најмногу му должи на сопругот, кој поради нејзината кариера ја напуштил работата во Тел Авив.

Израелската убавица Гал Гадот (36), која деновиве објави среќна вест дека по ќерките Алма и Маја, со сопругот Харон Варсано (45), израелски трговец со недвижнини, го очекуваат третото дете, вели дека успехот не доаѓа преку ноќ, односно дека на неа ѝ требале 13 години да го постигне она што ги има денес.

Фото: Инстаграм

Несудена мисица

Родена во Петах Тикви, таа растела во блиското гратче Рош Хајин, во семејство на професорката по физичко Ирит и инженерот Мајкл Гадот, кои пред нејзиното раѓање го смениле семејното презиме од Гринштајн во Гадот, што на еврејски значи „речен брег“. Исто така биле посебно инспирирани кога на ќерката ѝ го дале името Гал, што значи „бран“.

– Секогаш бев многу активна, си играв со момчињата и постојано трчав, а мајка ми тоа го поддржуваше. Не ни даваше да гледаме телевизија, туку ќе ни ја дадеше топката в раце и ќе ни кажеше да одиме надвор – се присетува Гал на своето детство, велејќи дека за неа и за помалата сестра Дани, родителите им се најголем подарок, затоа што секогаш верувале во нив дека се способни да постигнат сè што сакаат.

Фото: Инстаграм

Гал не сонувала за живот на холивудска ѕвезда, бидејќи кај нив актерството никогаш не се сфаќало сериозно. Таа ја сакала сцената и се занимавала со танц, а напоредно тренирала кошарка и боречки вештини. Родителите постојано истакнувале дека е важно да заврши факултет и веројатно таа ќе работела денес во некоја канцеларија во Тел Авив, ако не ја послушала мајка ѝ која ја убедила да се пријави на избор за Мис на Израел, каде што на 18 години победила.

На изборот за Мис на светот отишла со план да се покаже во најлошо светло, бидејќи, како што вели, манекенската кариера не ја интересирала.

Фото: Инстаграм

– Членка на жирито беше пејачката Пола Абдул. На нејзиното прашање само превртев со очите и со најсилниот израелски акцент излажав дека не зборувам англиски. Направив сè за да не победам и успеав. Победоносно изгубив – се присетува Гал.

Од писта во војска

Додека повеќе девојки по изборот се насочуваат во манекенска кариера, Гадот зела пушка в рака и отишла на двегодишно служење воен рок. Во израелските воени сили била и во 2006 година за време на 34-дневната израелско-либанска војна, но таа не била во опасност, бидејќи далеку од борбените линии војниците ги подучувала фитнес.

– Војската ме научи на дисциплина и пожртвуваност. Времето поминато таму го сметам за скапоцено – вели Гадот, која по војниот рок се запишала на студии по право и меѓународни односи.

Фото: Инстаграм

За да заработи пари, почнала да снима реклами, кога била забележана од филмски агент што во тоа време барал нова Бонд-девојка за филмот „Зрно утеха“. Иако го поминала првиот круг од аудицијата, улогата ја добила Украинката Олга Кирилиенко. Но, подоцна истиот агент ја повикал на аудиција за „Брзи и бесни: враќањето“. Улогата ја добила, како што вели, поради нејзиното добро ракување со оружје, а не поради актерските способности. Потоа успесите се нижеа и таа стана многу барана актерка. Напоредно со кариерата, Гал успешно го менаџира и приватниот живот, во кој вели дека најважниот фактор на стабилност е нејзиниот сопруг Харон Варсано, кого го запознала пред да замине во војска, а се венчале по две години врска.

Фото: Инстаграм

– Харон е мојата најголема поддршка. Кога сум нерешителна и не знам како понатаму, тој ми помага со совет. Ме сослушува и секогаш ги има вистинските зборови за мене. Тој е првиот кој ќе ви каже дека можам да постигнам сè што ќе замислам – искрена е актерката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот