Тулуз е следниот ривал на Вардар во ЕХФ Европската лига
По стартната победа над хрватскиот Сесвете (34:29) во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, денеска со почеток од 18.45 часот во Франција ракометарите на Вардар 1961 против Тулуз ќе го играат својот втор натпревар оваа сезона во ЕХФ Европската лига.
Препорачано
Во вториот меч од групата Ф, во истиот термин Сесвете ќе го пречека шведскиот Кристијанштад.
Скопските „црвено-црни“ како подготовка за новиот предизвик на меѓународната сцена, во рамките од домашната Супер лига рутински со 32:25 го совладаа Куманово.
Тулуз го стартуваше натпреварувањето со пораз на домашен терен против Кристијанштад од 30:28. На тој дуел кај Французите најдобро се истакна српското лево крило Немања Илиќ со 10 голови.
Вардар и Тулуз се сретнаа пред 26 години во рамките од тогашниот Куп на куп победници. Двата тима остварија по една победа, а Вардар беше подобар во двомечот со вкупен резултат 50:46, а тие се досега единствените мечеви меѓу овие екипи.
Судии на денешниот натпревар Тулуз – Вардар 1961 се Италијанците Франческо Симоне и Пјетро Монитиљо.
Составот на Вардар 1961: Валац, Гогов, Стојановски, Боно, Георгиевски, Митровиќ, Марчинијак, Матиаба-Тузолана, Хориха, Анастасовски, Талески, Кавада, Малус, Пинто, Јанковски, Борозан.


