Три години е во кома: Принцезата која беше надеж за Тајланд се бори за живот
Принцезата Бајракитијаба Махидол, која важеше за главна кандидатка да го наследи својот татко, кралот Рама Десетти, веќе три години лежи во кома поради срцеви проблеми, пишува „Дневник“.
Препорачано
Нејзината судбина се промени на 14 декември 2022 година, кога за време на воена обука колабираше додека ги шетала своите кучиња. Принцезата беше итно пренесена во болницата „Чулапонгкорн“ во Бангкок, каде што и денес се наоѓа, без да се разбуди од комата.
Бајракитијаба беше сметана за најсериозна наследничка на престолот, со оглед дека единствениот син на кралот, принцот Дипанкорн, наводно боледува од аутизам.
Образована е во Соединетите Американски Држави и во Обединетото Кралство, каде што дипломирала право и дипломатија. Својата кариера ја градела како амбасадор во Австрија, Словачка и Словенија, а потоа се вратила во Тајланд и станала дел од државното обвинителство.

Таа беше и една од водечките фигури во воведувањето на правилата на Обединетите нации познати како „Банкок правила“, кои имаат цел да обезбедат подобри услови за жените во затворите.
Во текот на трите години додека се наоѓа во кома, кралското семејство ретко споделуваше информации за нејзината здравствена состојба. Дури на 15 август 2025 година јавноста дозна дека принцезата добила тешка инфекција на крвотокот. Лекарите ја лекуваа со антибиотици, додека истовремено се бореа да ѝ го стабилизираат крвниот притисок.
Принцезата Бајракитијаба остана неомажена, а јавноста тоа го поврзуваше со нејзината посветеност на јавната служба и семејните обврски. Сепак, таа важеше за симбол на надеж и прва жена која можела да седне на тајландскиот престол во модерното доба.


