Фото: Профимедиа

Треба ли нашите кандидати да користат вештачка интелигенција во своите кампањи?

Експертите тврдат дека постојат многу предности во користењето на вештачката интелигенција во изборните кампањи, но предупредуваат дека кандидатите не треба целосно да се потпираат на тие алатки.

Не треба да бидеме технофоби и користењето на вештачката интелигенција во политичките кампањи не е погрешно. Сепак, политичарите треба да ја задржат автентичноста ако сакаат да им се допаднат на граѓаните, бидејќи јавноста умее да разликува – ова е еден од заклучоците во синоќешната дебата во „360 степени“ на МРТ 1, посветена на комуниколошкиот аспект од кампањата за локалните избори.

Во дебатата учествува универзитетската професорка Јасна Бачовска-Недиќ, универзитетскиот професор Сеад Џигал и граѓанскиот активист и аналитичар Бесим Небиу.

— Се забележува дека има партии и кандидати коишто користат вештачка интелигенција. Тоа главно се појавува на социјалните мрежи, во делот на оние текстуални пораки, но и во други форми. Тоа има некоја додадена вредност, има едно убаво чувство, накитеност на јазикот, на говорот — забележа Џигал.

Професорот додава дека јазикот на вештачката интелигенција нема длабочина во него, но дека таа е алатка која може да им помогне при насочување, односно кому да се обратат кандидатите на изборите и како да ги избалансираат пораките.

Чудна фотографија: Момче без една патика на билборд на ВМРО-ДПМНЕ

И Јасна Бачовска Недиќ се согласува со употребата на новите технологија и алатки.

— Забележувам дека се користи, ама и треба да се користи, не треба да бидеме технофоби. Сите ја користат, Западот, и тоа како, и сите ние ја користиме и одлично е. Не е сѐ уште толку совршена, ама ќе се усовршува, тој статистички алгоритам расте секој ден, секоја минута, секоја секунда и ќе стане, и тоа како, креативен и со длабочина бидејќи ја има способноста — рече Бачовска Недиќ.

„Младите имаат природни рефлекси за користење на вештачката интелигенција“

Професорката додаде дека вештачката интелигенција за консултација ја користат сите, но оти е многу важно да се внимава бидејќи таа е само во почетната фаза.

— Секако треба тука да се внимава на етичката димензија, на авторските права. За жал, ние и на општествено ниво треба повеќе да работиме на едукација. Гледаме на интернет како се нудат обуки за употреба на вештачка интелигенција за луѓе над 40, над 50 години. Мислам дека младите луѓе имаат природни рефлекси како да го прават тоа и, како што рече Џигал, и како треба да се користи тоа, меѓутоа на еден конструктивен начин — посочи професорката.

Според Џигал, препознатлива е употребата преку одредени зборови.

— Се бираат некои убави, габаритни зборови коишто имаат богата метафоричност, да речеме зборот ‘визија’, и мислам дека премногу се употребува, бидејќи за локални теми не ни треба толку визионерство. Ние имаме, да речеме, 100 работи коишто мора да се направат, да се исчистат, да се средат работите — додаде  тој.

„Кандидатот треба да биде природен“

Бесим Небиу препознава употреба на вештачката интелигенција и кај партиите на Албанците, но предупредува дека мора да ја зачуваат оригиналноста.

— Во последните две-три години откако има „Чет ГПТ“, тоа го гледаме и на социјалните медиуми. Мислам дека граѓаните наградуваат кога кандидатот е поавтентичен, односно е во својата природа, како зборува природно дома, со пријателите, со семејството, така да зборува општо и со јавноста и мислам дека опасно е ако со вештачка интелигенција се формираат лажни вести, лажни видеа, лажни говори. Значи, тоа е опасноста — посочува Небиу.

„Ако користиш вештачка интелигенција, кажи“

Според професорот Џигал, во име на транспарентноста, секаде каде што партиите употребуваат вештачка интелигенција, треба да има дисклејмер.

—  Како што имаме во други сфери, значи, на производи во супермаркет каде што мора да бидат наведени рокови на употреба, состојки, мислам дека треба тоа како јавност и како стручна фела да го поставиме како прашање —  рече Џигал во дебатата во „360 степени“.

„Фабрики за вештачка интелигенција“ ќе се отворат во Македонија и во Србија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот