Треба ли да се загрижиме: Експерти објасниja зошто губиме толку многу коса под туш
Многумина се загрижуваат кога ќе забележат топка коса во одводот по туширањето, прашувајќи се дали е тоа нормално или знак на некој проблем. Дали количината на коса што паѓа секој ден под тушот е типична појава и зошто се случува? Колку паѓање на косата е премногу и дали пореткото миење може да го забави тој процес? Одговорите на овие прашања ги дале тројца водечки експерти за коса, пишува „Хафингтон пост“.
Препорачано
Природниот циклус на растот е клучен за опаѓањето на косата
За да разбереме зошто толку многу коса паѓа во текот на туширањето, важно е да се знае циклусот на раст на косата. Тој се одвива во три главни фази: анаген, катаген и телоген.
„Анагената е фазата во која косата најмногу расте, станува погуста и подолга, додека телогената е фазата во која опаѓа“, објаснил д-р Акхил Вадера, дерматолог во Кајсер Перманенте во Северна Калифорнија.
Помеѓу нив е кратка катагена фаза, во текот на која растот запира, а фоликулот се намалува подготвувајќи се за опаѓање. Откако косата ќе влезе во телогена фаза, подготвена да падне.
Зошто најмногу коса опаѓа токму под тушот
Иако некои денови може да изгледа дека косата воопшто не опаѓа, а во други како да паѓа во големи количини, губењето на косата е всушност доста доследно од ден на ден.
„Природно губиме од 50 до 100 влакна дневно како дел од нормалниот циклус на раст“, објаснил д-р Зафер Четинкаја, главен хирург за трансплантација на коса во клиниката „ЕстеНове“ во Истанбул.
Повеќето луѓе во текот на денот губат поединечни влакна без дури и да забележат, рекол д-р Алан Бауман, специјалист за обнова на косата во „Бауман медикал“ во Флорида. Меѓутоа, поголемиот дел од косата што ќе опадне не паѓа веднаш од главата. Тоа е затоа што многу од тие влакна „остануваат заробени или заплеткани со остатокот од косата“, што ги задржува на главата, објаснил Вадера.
Тие зарабоени влакна на крајот опаѓаат, но обично е потребно мало поттикнување за да се ослободат, а тоа поттикнување најчесто се случува кога ја миете косата.
„Туширањето е главното место за опаѓање на косата поради механичкото дејство. Масирањето на скалпот при миењето и тежината на водата помагаат да се олслободат влакната што веќе престанале да растат и опаднале“, рекол Четинкаја.
„Гледањето куп коса под тушот може да биде алармантно, но во повеќето случаи тоа е сосема нормално“, додал Бауман. Причината зошто многу луѓе гледаат купишта коса во одводот е затоа што тие заробени влакна „паѓаат одеднаш, а не постепено во текот на денот“, објаснил тој.
Дали треба да ги броите влакната што ќе опаднат?
Можеби е примамливо да се бројат влакната за да се провери дали опаѓањето е во нормални граници, но експертите не го препорачуваат тоа.
„Иако е корисно да се следат трендовите, ги предупредувам пациентите да не ги бројат влакната бидејќи тоа може да доведе до непотребна вознемиреност“, рекол Четинкаја.
Ако по едно туширање забележите повеќе коса, нема причина за загриженост, рекол Бауман. Најчеста причина за ова е прескокнувањето на миењето.
„Ако прескокнете миење на косата еден или два дена, обично ќе забележите дека повеќе коса ќе ви опадне следниот пат кога ќе ја измиете“, објаснил тој.
Дури ниту краткорочното зголемено опаѓање на косата обично не укажува на проблем. Привремено зголемување може да се случи „по болест, породување, голем стрес или почеток на употреба на нов третман за коса, рекол Бауман, додавајќи дека таквата состојба треба да се стабилизира за два до три месеци.
За следење на опаѓањето на косата, Четинкаја препорачува во текот на шест месеци да го следите „дијаметарот на вашето коњско опавче или видливоста на патецот“. Помал дијаметар или поширо патец по шест месеци може да укажува дека губите повеќе од вообичаените 50 до 100 влакна дневно и тогаш би било добро да побарате стручно мислење.
Што да направите ако забележите зголемено опаѓање на косата
Ако забележите дека неочекувано губите повеќе коса, нема потреба од паника, но вреди да се истражи причината. Кај некои луѓе, опаѓањето на косата е нормален дел од стареењето. Може да се забрза кај жените во нивните 40-ти години, а кај мажите може да започне уште во нивните 20-ти и 30-ти години, при што до 50 отсто од мажите имаат проретчена коса до 50-годишна возраст. Понекогаш се виновни лошите навики за нега на косата, кои лесно може да се корегираат.
Премногу енергично триење при миење, користење фен на висока температура, груби шампони и производи за стилизирање и грубо бришење на влажна коса со крпа, сето тоа може да придонесе за опаѓање на косата, рече Вадера. Постојат неколку знаци дека вашата рутина за нега на косата е во проблем.
„Ако значителен дел од косата што паднала при туширање нема мал корен на крајот, туку е кратка и назабена, вашето зголемено опаѓање е веројатно резултат на кршење на косата“, објасни Четинкаја.
Доколку ниту возраста ниту вашата рутина за нега не се причина, Бауман препорачува консултација со дерматолог или специјалист за реставрација на косата.
„Може да укажува на подлабок проблем, како што се физиолошки или ментален стрес, хормонални промени, недостатоци во исхраната или генетско опаѓање на косата“, објаснил тој.


