Трамп со едната нога гази надвор од НАТО, а со едното око сѐ уште гледа кон Гренланд
И покрај обидите на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, да го убеди претседателот Доналд Трамп да покаже подготвеност за компромис, по нивниот, како што рече Руте, „искрен и отворен“ разговор, Трамп повторно го обвини НАТО дека не ѝ помогнало доволно на Америка за војната со Иран.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа вчера, изјави дека разговорот бил „многу искрен“ и „многу отворен“, додавајќи дека го убедувал американскиот претседател оти „големото мнозинство европски земји помогнале со бази, со логистика и со прелети“ во конфликтот во Иран што во моментов е во рамките на кревко двонеделно примирје. Сликата е посложена, објаснува Руте.
Препорачано
Тој оцени и дека светот денес наводно е побезбеден отколку пред војната, при што заслугата му ја припиша на Трамп и на неговото лидерство „во слабеењето на иранската нуклеарна закана“. Дополнително, генсекот на Алијансата рече дека мнозинството членки на НАТО веруваат оти „ограничувањето на нуклеарните капацитети на Техеран е важно“.
Но, и покрај овие обиди на Руте за смирување на топката, Трамп по нивниот „искрен и отворен“ разговор, повторно го обвини НАТО дека не им помогнало на САД доволно во контекст на војната со Иран, повторувајќи ја опцијата за можно американско оддалечување од трансатлантскиот сојуз.
„НАТО не беше таму кога ни требаше и нема да биде таму ни кога пак ќе ни затреба“, напиша Трамп во објава на „Трут соушал“ по средбата.
Исто така, американскиот претседател фрли и еден брз поглед кон Гренланд.
„Запомнете го Гренланд, тоа е големо и лошо управувано парче мраз!“, напиша тој.
Руте го убедувал Трамп дека многу европски земји ѝ помогнале на Америка за Иран
Плански притисок врз Алијансата
Според „Волстрит журнал“, администрацијата на Трамп наводно разгледувала мерки против одредени членки на НАТО што, според Вашингтон, не им дале доволна поддршка на САД и на Израел во војната со Иран. Меѓу опциите, според весникот, било и преместување американски трупи од помалку лојални во позаинтересирани сојузнички земји.
Трамп веќе изразил силно разочарување од Алијансата, тврдејќи дека конфликтот со Иран оставил длабока трага врз НАТО и повеќепати навести и преиспитување на американската улога во сојузот, особено по несогласувањата околу Ормускиот Теснец и слабата европска поддршка.
Овие изјави од Белата куќа, а и од самиот американски претседател, може да се толкуваат како показател дека Трамп настапува од цврста позиција и дека НАТО тешко ќе може да го убеди да ја ублажи реториката. Но, ако се суди според неговиот досегашен политички стил, поверојатно е дека станува збор за пресметан притисок врз Алијансата, со цел европските сојузници повеќе да се усогласат со американската политика на Блискиот Исток и да дадат појасна поддршка. До каде точно е подготвен да оди Трамп, засега не е јасно, но ваквиот пристап е ризичен.
Штетна е самата порака што ја остава Америка
Иако американскиот Конгрес на крајот на 2023 година усвои мерка со која му се забранува на кој било претседател еднострано да ги повлече САД од НАТО без согласност од две третини од Сенатот или без посебен акт на Конгресот, политичката штета од ваквите пораки не е за занемарување.
Тука се и постојаните притисоци околу Гренланд, тема што Трамп ја отвора цикцак, првин врши притисок, па некое време изгледа како да ја „заборавил“, па повторно се навраќа на своите апетити за островот. Со таа стратегија, Трамп можеби сака да ги извади НАТО и Европа од комфорната зона и повторно да покаже колку е упорен во своите претензии кон островот.
Вашингтон по сѐ изгледа бара поголема послушност од НАТО, односно „поизразено усогласување со американската политика на Блискиот Исток“. Таквиот пристап, меѓутоа, носи ризик Алијансата сè повеќе да се претвора во простор на уцени и демонстрација на американска доминација.
Трамп пак го мерка Гренланд: „Тоа е големо и лошо управувано парче мраз!“


