Трамп пак го мерка Гренланд: „Тоа е големо и лошо управувано парче мраз!“
Американскиот претседател Доналд Трамп изгледа повторно го впери погледот кон Гренланд, додека истовремено го искажува своето незадоволство од НАТО, бидејќи дипломатските последици од војната со Иран ги открија пукнатините во односите меѓу Вашингтон и Алијансата, објави „Си-ен-би-си“.
Препорачано
Во објава на „Трут соушл“ вчера вечерта по американско време, Трамп напиша дека НАТО не било таму кога ѝ било потребно на Америка, додавајќи: „Запомнете го Гренланд, тоа е големо и лошо управувано парче мраз!“
Најновиот напад доаѓа откако Трамп објави двонеделно примирје по повеќе од еден месец борби со Иран. Трамп постојано ги критикуваше членките на НАТО што не се приклучиле на воените напори против Иран, велејќи дека неговиот повик за акција бил „голем тест“, додека истовремено се закануваше со повлекување од Алијансата.
Трамп во изминатите денови сè поотворено ги поврзува своите напади врз НАТО со спорот околу Гренланд. Тој на прес-конференција во Белата куќа изјави дека целата приказна, според него, почнала токму со Гренланд, нагласувајќи дека САД сакаат контрола врз островот, додека другата страна тоа го одбива.
Во меѓувреме, односите меѓу Вашингтон и европските сојузници дополнително се заладија, не само поради заканите на Трамп со царини, туку и поради неговите сигнали дека не ја исклучува ниту опцијата за употреба на сила за преземање на оваа автономна данска територија.
Во таква атмосфера, војната со Иран отвори нов фронт на недоверба бидејќи дел од членките на НАТО не сакаа директно да се вклучат во американско-израелската кампања, ниту, пак, да помогнат со воздушен простор и со поморска поддршка за повторно отворање на Ормускиот Теснец.
По средбата со генералниот секретар Марк Руте во Белата куќа, Трамп продолжи со острата реторика, а од неговиот тим беше пренесена порака дека НАТО не застанал зад американскиот народ кога тоа било најпотребно. Руте, пак, призна дека има сериозни тензии и дека Трамп е длабоко разочаран од дел од сојузниците, иако смета дека неговата критика може да се разбере.
Во исто време, аналитичари предупредуваат дека постојаните напади врз Алијансата можат да ја ослабат нејзината суштина, особено ако се надоврзат со нови американски воени потези кон Гренланд, за кои веќе се појавија информации дека Пентагон разгледува пошироко присуство таму.
Целата оваа кревка геополитичка слика дополнително ја усложнува и ситуацијата на Блискиот Исток, каде што иранската страна веќе обвини дека Вашингтон ги прекршил условите на примирјето, додека израелските напади врз Либан и иранските закани повторно го доведуваат во прашање мирот.
Руте го убедувал Трамп дека многу европски земји ѝ помогнале на Америка за Иран


