Трамп Орбан/Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Трамп и Орбан во Белата куќа – теми: руската нафта и соработката меѓу САД и Унгарија

Американскиот претседател Доналд Трамп денес ќе се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Белата куќа за да разговараат за зависноста на Унгарија од руската нафта и можностите за зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.

Ова ќе биде нивна прва билатерална средба откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари, објави Ројтерс.

Трамп инсистираше европските земји да престанат да купуваат руска нафта за да ги намалат приходите на Москва што ја финансираат војната во Украина, додека Унгарија не престана да се потпира на руската енергија од почетокот на конфликтот во 2022 година, што предизвика критики во ЕУ и НАТО, велат експертите.

Пред состанокот, унгарските претставници изјавија дека Орбан има намера да разговара за можноста за средба меѓу САД и Русија и да побара ослободување од енергетските санкции на САД, објави Танјуг.

Трамп претходно најави можна средба со рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта, но таа беше одложена откако Русија го отфрли прекинот на огнот.

„Го познавам претседателот, тој ме познава мене, ние ја знаеме темата, само треба да постигнеме договор“, изјави Орбан за државната новинска агенција МТИ, велејќи дека очекува пријателски разговори.

Белата куќа соопшти дека лидерите ќе разговараат за области од „заемен интерес“ и наговестија за можноста за економски договори.

„Американскиот народ може да очекува повеќе добри договори од посетата на премиерот Орбан, кои ќе опфаќаат широк спектар на сектори“, изјави функционер на Белата куќа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот