Том Круз се враќа во третото продолжение на култниот „Топ Ган“
Том Круз се враќа во филмот „Топ Ган 3“, соопшти студиото „Парамонт“ за време на презентацијата на СинемаКон во Лас Вегас, заедно со продуцентот Џери Брукхајмер, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
Продолжението на филмот „Топ Ган: Маверик“ од 2022 година, во режија на Џозеф Косински, првпат беше најавено во 2024 година, со сценаристот Ерен Кругер, кој заедно со Ерик Ворен Сингер и Кристофер Меквори го напиша и „Маверик“.
„Топ Ган: Маверик“ стана голем кино-хит во време кога многу киносали сè уште беа затворени поради пандемијата на ковид-19.
Филмот заработи 1,5 милијарди американски долари на светските благајни со буџет од 170 милиони долари (околу 156 милиони евра), давајќи им на кината потребен поттик во тешки времиња.
Круз се врати во улогата во „Маверик“ 36 години по првото појавување како талентиран пилот во оригиналниот филм од 1986 година. Неговиот поручник Пит „Маверик“ Мичел повторно се врати во познатата школа за летање за да обучува нова генерација пилоти за опасна мисија Таму се појавува Бредли „Рустер“ Бредшо, кого го игра Мајлс Телер, а тој е син на Пит „Гус“ Бредшо, лик од првиот филм.
Покрај Круз и Телер, дел од актерската екипа на „Маверик“ беа и бројни млади актери во подем: Глен Пауел, Луис Пулман, Моника Барбаро, Дени Рамирез, Џеј Елис, Грег „Тарзан“ Дејвис и Мани Хасинто.
Меѓу другите членови на екипата беа и Џенифер Конели, Џон Хам, Чарлс Парнел, Ед Харис и Башир Салахудин. Филмот беше и последна улога на колегата од оригиналниот „Топ Ган“, Вал Килмер, кој го глумеше Том „Ајсмен“ Казански. Килмер почина во 2025 година.


