Тодоров: Ако сите тврдат дека ќе победат, а немаме функционални институции, јас не гледам причина зошто да не одиме на избори

Никола Тодоров. / Фото: Архива на Слободен печат

Во моментов имаме техничка Влада со ограничени овластувања. Од друга страна немаме парламент. Јасно е дека целиот живот се промени и во таква ситуација не можеем да дозволиме да ризикуваме да останеме во една неизвесна ситуација. Вирусот е нов и научниците не можат да кажат дали кога ќе има втор бран. Но, никој не може да каже дека ќе нема. Ако е тоа така ние не можеме да дозволиме да имаме полуфункционални институции, и да се суспендира демократијата, изјави за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.

-Мислам дека политиката треба да биде одговорна работа и таа не е од денес за утре. Ако денеска како политичар се раководам од тоа дали ќе победам или загубам на избори, тогаш праќам лош сигнал кон електоратот – дека сум заинтересиран само за доаѓање на власт. Тоа е катастрофично. Ние не смееме да мислиме ај да биде полошо на народот за нас да ни биде подобро. Ако сите тврдат дека ќе победат, а немаме функционални институции, јас не гледам причина зошто да не одиме на избори, па ајде што биде нека биде, вели Тодоров.

Предлози за гласање на постарите граѓани, како и продолжување на изборниот ден до 22 часот.

-Предлагам да се размисли да се продолжи времетраењето на изборниот ден за дополнителни 3 часови, односно наместо да заврши во 19 часот, да заврши во 22 часот. Летен период е и ова не би требало да биде проблем. Исто така може да се предвиди постарите лица (над 67 години) да гласаат до 11 часот и од 21-22 часот (последниот час од гласањето обично е со помала излезност). Сите останати да можат да гласаат во интервалот од 11-22 часот. Здравствените власти треба да развијат и објават задолжителен протокол кој ќе содржи мерки кои треба да се преземат со цел намалување на ризиците по здравјето на граѓаните на денот на гласањето, предложи Тодоров.

Хронично болните да гласаат од дома како болните и изнемоштени лица, чекањето на гласачите да биде организирано во дворовите на училиштата или градинките.

-Веројатно е дека ќе мора да се предвиди задолжителна дезинфекција на рацете на секој кој ќе влезе во просторијата за гласање, задолжително носење на маска и задолжително држење на пропишана физичка дистанца. Заради утврдување на идентитетот веројатно е дека маската ќе мора привремено да се трне. Бидејќи најчесто гласањето се одвива во училишта или градинки, чекањето треба да се организира во дворовите. Исто така добро е да се размисли и за зголемување на бројот на избирачките места, па гласањето да се организира на истите локации, но во повеќе простории/училници, со цел на секое избирачко место да има помал број на запишани избирачи. Согласно постојниот изборен законик бројот на избирачи кои гласаат на избирачкото место не може да биде поголем од 1.000 избирачи, па може да се размисли овој број да се редуцира на 700 или помалку избирачи. Ако излезноста се движи во просек околу 60% (што е прилично оптимистички имајќи во предвид дека излезноста на претседателските избори беше околу 46%) тоа значи дека во една просторија во просек ќе гласаат околу 420 лица, односно во просек 28 лица во еден час.

Исто така, треба да се размисли при гласањето на болни и изнемоштени, кое се одржува претходниот ден, да се овозможи да гласаат и сите останати лица кои се во здравствен ризик (хронично болни) доколку изразат желба за тоа. Ова ќе овозможи хронично болните да гласаат во својот дом на ист начин како што тоа го прават болните и изнемоштени. Јас не очекувам тој број да биде 200.000, туку далеку помал број, додаде Тодоров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот