Мартин Богатиноски

Тие со ЕЕС, ние со БЕС – Европо, повели на шалтер!

Кога Европа воведува контрола, тоа е модернизација. Кога Балканец ќе праша зошто го третираат како потенцијален проблем, тоа е популизам. Кога тие ќе направат систем, тоа е безбедност. Кога ние ќе побараме реципроцитет, тоа е комплекс. Кога тие ќе те држат на граница два часа, тоа е процедура. Кога ти ќе им кажеш „ај малку и вие почекајте“, тогаш си див, заостанат и емотивно нестабилен.

Европската Унија, таа стара дама со скапи чевли и студен поглед, реши дека отсега кога ќе ѝ дојдеме на гости, не е доволно да покажеме само важечки пасош.

Ќе те сликаат. Ќе ти земат отпечатоци. Ќе те внесат во систем. Ќе ти избројат денови. Ќе видат кога си влегол, кога си излегол, колку си седел, дали си се задржал, дали си гледал премногу долго во излог во Виена…

И сето тоа, нормално, се вика „модернизација“.

Кога Европа воведува контрола, тоа е модернизација. Кога Балканец ќе праша зошто го третираат како потенцијален проблем, тоа е популизам. Кога тие ќе направат систем, тоа е безбедност. Кога ние ќе побараме реципроцитет, тоа е комплекс. Кога тие ќе те држат на граница два часа, тоа е процедура. Кога ти ќе им кажеш „ај малку и вие почекајте“, тогаш си див, заостанат и емотивно нестабилен.

Е, па, добро. Ајде да бидеме реформски настроени.

Да воведеме и ние систем. Да се вика БЕС – Балкански Евидентен Систем. Кратко, јасно, европски звучи, а доволно наше за да боли. ЕЕС за нас, БЕС за нив. Ако веќе играта е во кратенки, и ние имаме букви.

Прво правило: секој државјанин на ЕУ што сака да влезе во Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна или каде било на Балканот, мора да помине низ основна проверка.

Прашање број еден: „Дали знаете дека Балканот не е само евтина верзија на Грција?“

Ако одговори „па, ние доаѓаме за автентично искуство“, веднаш оди на дополнителен шалтер. Тоа „автентично искуство“ обично значи: сакаат домашна ракија, стара архитектура, евтина скара, убави девојки и локалци што ќе им се смешкаат додека овие ги потценуваат.

Прашање број два: „Дали некогаш сте рекле дека Балканците се многу гостопримливи, а потоа сте оставиле бакшиш од 20 денари?“

Тука системот мора да биде строг. Нема милост. Гостопримството не е бесплатна европска програма. Ако келнерот ти донел кафе, вода, пепелник, насмевка и три совети каде да одиш вечер, не можеш да му оставиш ситно колку за мастика и да речеш: „Lovely people“.

Не, брат. Тие „lovely people“ плаќаат сметки за струја.

Потоа следува биометриска проверка. Но, не како нивната. Нема отпечатоци од прсти. Тоа е старо. Ние ќе мериме нешто поважно: трпение.

Го седнуваш германскиот турист на пластичен стол пред шалтер. Му велиш: „Системот падна“. И го гледаш во очи. Ако по пет минути праша: „Уште колку ќе потрае?“, добива жолт картон. Ако по десет минути извади телефон и почне да бара „формулар за жалба“, оди во просторија за адаптација.

Французинот ќе мора да потпише изјава дека нема да се жали ако виното во кафеана му го донесат во чаша што не е според неговите стандарди. Холанѓанецот ќе мора да докаже дека разбира оти велосипедската патека на Балканот ја користат и скутери, коли, камиони… Швеѓанецот ќе мора да помине тест каде што некој му се обраќа гласно, со раце, од два метра растојание, без тоа да го пријави како агресија. Италијанецот ќе помине лесно, тој и онака е наш човек со подобар дизајн.

За туристите што доаѓаат со автомобил, БЕС ќе има посебна категорија: „Реално соочување со патиштата“.

На влез ќе добијат мапа на која пишува: „Само право“. Потоа патот се дели на четири насоки, без знак. Ако прашаат каде да одат, службеникот ќе им каже: „Ќе прашате некој“. Тоа е првата лекција. На Балкан навигацијата е добра работа, ама човекот пред кооперација е институција.

На аеродромите, пак, процедурата ќе биде уште поелегантна. Кога ќе слетаат патници од ЕУ, ќе ги пречека љубезен службеник со насмевка: „Ве молиме, почекајте малку“.

А тоа малку може да биде пет минути. Може да биде еден час. Може да биде „колегата е на пауза“. Може да биде „системот не ни го чита вашиот кју-ар-код“. Може да биде „дојдете утре“.

Ова не е омраза кон Европа. Напротив. Ова е љубов што поминала премногу граници. Љубов што со часови стоела на сонце со пасош в рака.

Не треба да бидеме ситни души и одмаздољубиви. Ама не треба ни вечно да играме улога на добро воспитано дете пред европски директор. Тоа дете порасна. И сфати дека кога некој постојано ти вика „уште малку“, можеби проблемот не е во твојата нетрпеливост, туку во неговото уживање да те држи на краток ланец.

Затоа БЕС треба да биде културен. Со фини формулари. Со европски јазик. Со „ве молиме“, „благодариме“ и „за ваша безбедност“. Така најмногу боли. Кога апсурдот е спакуван во процедура, веќе не можеш да се жалиш дека некој те малтретира.

ЕЕС системот донесе гужви и повеќечасовни чекања на аеродромите низ Европа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот