Техничка грешка на сајтот ги откри залихите на брендот на Меган Маркл: Извори тврдат дека побарувачката е голема
Брендот на Меган Маркл, „As Ever“, го привлече вниманието на јавноста откако краткотрајна техничка грешка на веб-страницата ги откри количините на производи на залиха. Многу интернет-корисници помислија дека големите залихи значат слаба продажба, но извори запознаени со работењето на брендот тврдат спротивното, пренесува „Пипл“.
Препорачано
Имено, корисници на Редит забележале дека при додавање големи количини производи во кошничката, страницата го прикажува максималниот број на достапни артикли. Податоците вклучувале околу 220.000 тегли џем, 30.000 тегли мед, 90.000 свеќи, 80.000 лименки со цветни дезени и приближно 70.000 шишиња вино од различни сорти.
„As Ever“ во својата понуда има прехранбени производи со долг рок на траење, како џем, чај и мед, како и свеќи и вина.
Извори блиски до брендот истакнуваат дека големите бројки на залихи не се знак за слаба продажба, туку напротив, покажуваат растечка побарувачка и планови за меѓународна експанзија.
„Оваа грешка всушност покажа дека бизнисот не само што оди добро, туку дека производите буквално ’летаат од полиците‘“, изјавил извор за „Пипл“.
Маркл во неодамнешна изјава спомнала енормно голема нарачка за еден производ, што дополнително потврдува дека брендот бележи силен раст.
„Големите залихи се дел од плановите за меѓународно проширување на „As Ever““, додал изворот.
Кога брендот беше лансиран, неговата прва серија „Рosé“ беше распродадена за помалку од еден час, што Меган го опиша како двоен предизвик, извонредно за мал бизнис, но и ограничувачко кога станува збор за следење на популарноста на поединечните производи.


