Сведоштво на медицинска сестра: „Мора да преживееш за синот!“

Луѓе и лекари за време корона со маски пред болница осми септември (18)
Градска општа болница 8ми Септевмри, Скопје / Фото: Слободен Печат - Драган Митрески

„На пат кон работа во болницата 8 Септември забележав едно момче како седи на клупа пред влезот. Кога поминав пред него, момчето стана и ме праша: „Дали работите тука?“ Го погледнав – очите му беа црвени од плачење. Му одговорив потврдно и зачекорив кон првото скалило, кога го слушнав неговиот глас: „Го изгубив татко ми, ве молам, не сакам да ја изгубам и мајка ми.“ Застанав скаменето. Се свртев кон момчето и го прашав како се вика неговата мајка. Ме погледна толку жално и ми го кажа името. Јас стоев скаменето… Отрчав кон влезот на болницата, облеков униформа и веднаш отидов кај мајка му. Таа беше на кислородна поддршка… Ја фатив за рака и ѝ реков: „Надвор те чека прекрасен син. Мора да преживееш за него“. Ме погледна со солзи во очите. „Морам“, ми рече. Јас направив сѐ што можев да ѝ помогнам, да ја спасам, да преживее.“

Овие трогателни повици за помош на момче коешто го изгубило родителот во пандемијата со ковид-19 сѐ уште одекнуваат во главата на медицинската сестра Јохана Јаневска. Борбата за секој човечки живот, исцрпувачката голгота низ којашто поминуваат медицинските работници повеќе од една година сѐ уште трае. Притисокот врз здравствените работници е уште посилен во налетот на третиот бран, кога болничките капацитети се преполни, а вирусот и неговите мутации не бираат кого ќе нападнат. Сѐ поголем е бројот на млади луѓе кои се борат за последен здив.

Во првите борбени редови

На денешното одбележување на Светскиот ден на здравјето, 7 април, здравствените работници секојдневно ги ризикуваат своите животи за да се грижат за другите. Медицинската сестра Јохана Јаневска и ова утро е на своето работно место во Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Сега води грижа за најмалите кои боледуваат од дијабетес. Некои од нив имаат само две години. Но, искуството од болницата 8 Септември и работата со најтешко заболените кои се борат за живот, вели дека е нешто од кое сѐ уште ѝ лазат морници по телото.

Првите месеци од пандемијата таа ги помина во шок-соба, со најтешките пациенти хоспитализирани во болницата „8 Септември“ во Скопје, каде беше испратена на испомош со уште пет колешки од Детската клиника. Скафандер, три пара ракавици, каљачи, па потоа нов најлон врз скафандерот – ова е секојдневната опрема на медицинските лица кои се во првите редови во борбата со заболените од смртосносниот ковид-19. Деноноќно трае борбата за секој човечки живот, а по повеќе часови поминати во сала, Јаневска вели дека одвај чекаш да излезеш на тераса, каде се бориш за воздух. Папсани, истоштени до последните сили – здравствените работници водат секојдневна битка со пандемијата, на која не ѝ се наѕира крајот.

– Не се препознававме меѓу себе, па со фломастери ги пишувавме нашите имиња на скафадери за да можеме да се препознаеме. Четирипати во тек на 24 часа се туширавме и ги менувавме скафандерите. По смената заминувавме во собата за деконтаминација, облеани во пот. За тие четири часа одмор коишто ни следуваа, повеќето време го поминувавме на тераса, во обид да се вдиши што повеќе воздух, желни за вода и малку сон, вели Јаневска за ДВ.

Слики од шок-собата

Сликите од шок-собата нема никогаш да ги заборави.

– Влегуваш во шок интензивна со верба да видиш дека некој од пациентите што си ги оставил претходно го екстубирале, се разбудил. Се трудиш да му помогнеш на секој од нив подеднакво, не прашувајќи за име, за возраст. Ги следиш нивните симптоми, делиш терапија, а од тебе тече пот. Само ние знаеме како дишеме, како издржуваме. Но, како и секогаш, да спасиш човечки живот е најубаво чувство. Но, за жал и не успеваме секогаш во нашата намера, а тоа ни е најтешко, раскажува нашата соговорничка.

Таа се присетува дека на почетокот на пандемијата воопшто и не знаеле со што се борат. Притисокот бил огромен, медицински лица колабирале од преголем замор и стрес.

– Работевме до истоштеност, до последните резерви на сила. Кога ќе ми текне на тоа што поминавме, кога ќе се присетам на сите оние коишто ги ставаш на машина, разговараат со тебе и веќе следниот миг престануваат да дишат – тоа е хорор којшто не се опишува. Морници сѐ уште ми лазат по телото, вели медицинската сестра.

Оние коишто не влегле внатре, не знаат како е во 8 Септември“ и во останатите ковид-центри кадешто се лекуваат пациентите со најтешки симптоми на вирусот. Болниците на сите катови се преполни со болни кои имаат најтешка клиничка слика.  Секојдневно се примаат нови заболени, за жал некои доаѓаат и веднаш ја губат битката со болеста. Некои починуваат и пред да бидат сместени на одделенијата.

– Мојата препорака е „Чувајте се“ и почитувајте ги сите процедури. Здравствените работници се трудат од петни жили да ги извршуваат дадените задачи, иако мислиме дека времето е кратко и за нас и за пациентите, вели медициската сестра.

Секој пациент што си оди оздравен дома, за медицинските работници е мотивација плус да се борат и да бидат истрајни. Секоја насмевка и секое едно „благодарам“ значи многу за сите нив. Јаневска вели дека вакцината е само почеток на крајот во битката со монструмот.

– Да бидеме сите максимално фокусирани на почитување на пропишаните мерки. Медицинските лица во борбата со ковид-19 го даваат својот максимум за да им помогнат на граѓаните. Носат скафандери цел работен ден, работат во екстремно тешки услови. Преморени се. Дајте ни шанса нам, на здравствените работници, да се почувствуваме горди оној ден кога ќе го кренеме победничкото знаме и ќе кажеме ’благодариме народе што заедно со вас го победивме ѓаволскиот вирус, апелира Јохана Јаневска.

Преземено од Дојче Веле.

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот