Стоматолог Илија Караманов: Дентални протези – каде и кога се вградуваат

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Како можност за надоместување на изгубени заби, денес се нудат различни видови импланти изработени од различни производители. Самите дентални импланти се всушност вештачки изработки, кои се всадуваат во виличните коски, на местата на кои претходно е изваден природниот заб. За да може еден имплант да се всади, потребно е да бидат исполнети повеќе услови. Како прв и најважен услов е просторот.

Во виличните коски мора да постои доволно квалитетна коска, како во ширина, така и во длабочина, а притоа да се внимава на анатомските структури, какви што се подот на носната шуплина и максиларниот синус, во горната вилица, и мандибуларниот канал во долната вилица. Во тој контекст, постојат импланти со различна должина и различен промер. Испитувањата за расположливиот простор ги темелиме врз основа на клиничкиот преглед, панорамска рендген снимка и компјутерска томографија. По добро направените анализи се одредува должината и пречникот на имплантот што ќе се вградува.

Не помалку важна е и општата здравствена состојба на пациентот. Хроничните срцеви и респираторни заболувања, некои крвни дискразии, дијабетесот и други болести и состојби се контраиндикација за поставување дентални импланти. Кај пушачите, шансите за неприфаќање на имплантот од страна на организмот се многу поголеми отколку кај непушачи.

Денталните импланти се направени од титаниум, пред сè, заради биокомпатибилноста на титаниумот со човечкиот организам. Нивната површина е најчесто гранулирана, сè со цел да се обезбеди поголема и подобра остеоинтеграција на имплантот и коската. Хируршкиот зафат за имплантирање најчесто не е комплициран процес и не трае повеќе од еден час. Се изведува со локална анестезија и нема потреба од хоспитализирање. Постоперативниот период честопати поминува дури и баз никакви болки.

Имплантите можат да бидат едноделни и дводелни. Дводелните импланти се состојат од примарен дел, кој се вградува во коската. На него, по 3-6 месеци се надоврзува секундарниот дел, односно абатментот, и дури потоа се пристапува кон изработка на супраструктурата која може да биде поединечна коронка, мост или, пак, соодветен тип на протеза. Бројот на вградените импланти, како и нивниот распоред, се одредуваат според големината на беззабиот простор и видот на изработката што треба да ги надомести изгубените заби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот