Стара скопска чаршија 2025: Законите постојат – ама само на хартија (1)
Меѓу ѕидовите, дуќаните и уличките низ кои обожавам да шетам, дишат приказни од различни времиња – од Османлиите, преку бурниот XX век, до денешната борба за опстанок на ова културно наследство.
Препорачано
Но, прашањето што денес станува поважно од кога било е: дали ја чуваме Чаршијата или ја уништуваме со секој нов багер, со секоја дивоградба, со секој молк на институциите?
Законите постојат – ама само на хартија
Старата чаршија е едно од најзначајните културни наследства во државата. Со закон од 2008 година е прогласена за културно наследство од особено значење, со строги правила: не смее да се руши, не смее да се менува урбаната структура, не смее да се градат гломазни објекти во нејзина близина.
Во ноември 2010, беа најавувани измени на Законот за прогласување на Старата скопската чaршија за културно наследство од особено значење поради фактот што Чаршијата е сместена на границата меѓу општините Центар и Чаир. Во таа пригода, тогашната министерка за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа Милевска, изјави дека сите аспекти поврзани со заштитата на Чаршијата интегрално ќе бидат разработени во посебен детален урбанистички план.
Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија почна да се спроведува во февруари 2010 година и се очекуваше да заврши во 2015 година. Со неа се предвидуваше обновување на фасадите на старите куќи, поддршка на занаетите во Чаршијата и постигнување економски развој, организирање туристички прошетки, организирање изложби, концерти и други културни настани и донесување одредби за заштита на градбите и задржување на автентичноста. За извршувањето на програмата одговорна беше Владата на Република Македонија, која раководи со помош на шест надлежни министерства.

Во практика го гледаме токму спротивното
Уривањето на хотелот „Шар ан“ како заштитен објект – беше само еден од најгласните примери. Се уриваше среде бел ден, со механизација, додека институциите гледаа на друга страна. А понатаму ќе додадам и други примери…
Кога чуварите на законот стануваат дел од криминалната група, што останува од самата идеја за заштита?
Урбаната мафија и други фактори сè повеќе и повеќе го уриваат духот на Чаршијата.
Моето најомилено место за кафе и интелектуална стимулација – „Менада“ беше срушена и заменета со кичерајски ентериер, уривање на урбанистичкиот план што припаѓаше на културното наследство – со пластични цвеќиња, несоодветна фасада и узурпација на калдрмата.

Влезот на „Безистен“ во кој одев на блуз свирки и чајче, сега припаѓа на исламската заедница. На самите ѕидови со длабока историја се гравирани букви, а надвор од излезот (се прашувам кој го одобрил тоа) можете да забележите заковани „модерни слики“ и декор на тие тули?!

Да се вратиме назад. Капацитетите се доградуваат, се прошируваат. Ова повеќе не е ни јавна тајна. Зад овие проекти стојат луѓе со блиски врски во политичките и во деловните кругови. Има и луѓе што имаат домови, продавници и кои се вознемирени од сегашната ситуација, ама институциите молчат, па и тие другите треба да молчат, или, пак, се „условени да молчат“.

Очигледно, во Чаршијата владее паралелна власт – урбаната мафија. Дивоградби што доколку прошетам и ги анализирам, нема да можат да се избројат.
Во еден извештај што го најдов на интернет се споменуваат речиси 40 нелегални доградби, од кои дел сопствениците сами ги урнале, а дел државата со полициска асистенција.
Денес, ако тргнете низ уличките, калдрмата се гуши, ќе видите тераси, надградби и доградби кои никој не ги евидентира и уште помалку ги санкционира. Споредби што болат, барем за некој како мене што поминува повеќе време таму.

Ако ја споредиме Чаршијата со слични културни јадра во регионот – Сараево, Призрен или и Корча – ќе видиме дека таму се води далеку поголема грижа за зачувување на автентичноста. Некои од тие градови се дури под заштита на УНЕСКО.
Кај нас, и покрај тоа што имаме законска рамка, дозволуваме Чаршијата да се претвора во кич, во хаотичен спој на старо и ново, „современ кич“ каде што духот на историјата се губи помеѓу бетон, алуминиум, пластика. Каква е оваа урбанизација?
Ревитализација или фасада за уништување?
Владата уште во 2010 година најави голема програма за ревитализација на Чаршијата. Се зборуваше за типизирани излози, замена на травертинот, за нова калдрма. Дел од тоа се реализира, дел остана само ветување.
Во ноември 2006, во Чаршијата беше поставен споменик на Скендербег. Тогашниот македонски премиер Никола Груевски, во 2010 година изјави дека Старата скопска чаршија е вклучена во проектот „Скопје 2014“, најавувајќи започнување проект за ревитализација и заштита на Чаршијата.
Мој личен впечаток како скопјанка е дека се наоѓам низ пластичарска улица. Мирисите, звуците и калдрмата сè уште се таму, но се опкружени со несоодветни доградби и естетика, гласна несоодветна музика што според законите не смее да ја избрише автентичноста и да ја претвори во уште едно место за брза заработка.

Ако продолжиме вака, ќе дојде ден кога новите генерации ќе се прашуваат каква историја има ова место, ќе се сликаат меѓу шарените ѕидови на старите тули – а ние ќе покажуваме кон неколку зачувани дуќани меѓу новите хотели, продавници, „шиша“ барови и бетонски ѕидови.
Законот јасно забранува менување на урбаната структура, но на терен гледаме дека правилата се газат со години.
Прашањето е: кој ќе преземе одговорност?
И дали како општество сме подготвени да ѝ кажеме „доста“ на урбаната мафија? Бидејќи Чаршијата не е само збир на дуќани. Таа е срцето на Скопје. А срцето не се продава, не се руши и не се доградува по желба на инвеститорите!

(Продолжува)


