Згради, станови / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Становите веќе не се продаваат како алва, тешко се издава и стан под кирија

Според најновите податоци на Агенцијата за катастар на недвижности, во првиот квартал од годинава, споредбено со четвртиот квартал од минатата година, закупот на станови бележи пад од 47 проценти, а намалување од 40 проценти има на вкупната месечна закупнина.

Помина времето кога становите се продаваа за неколку дена, а кириите во Скопје достигнуваа цени споредливи со европските метрополи. Сè повеќе станови остануваат непродадени со месеци, сопствениците ги намалуваат закупнините за да најдат кираџии, а граѓаните сè потешко се одлучуваат на купување поради високите цени и скапите кредити. Најновиот извештај од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности покажува забавување на трансакциите и промени во движењето на цените. Аналитичарите предупредуваат дека пазарот влегува во нова фаза, а дел од агентите за недвижности веќе зборуваат за „презаситеност“ со станови, особено во Скопје, каде што никнуваат десетици нови станбени комплекси.

Во услови кога животните трошоци растат, а платите не го следат темпото на движењето на цените на квадратниот метар, сè помалку семејства можат да си дозволат стан од 2.000 евра за квадрат или кирија од 400 евра месечно. Во изминатите години, особено по пандемијата, недвижностите важеа за една од најсигурните инвестиции. Голем број граѓани вложуваа во станови како заштита од инфлацијата, а цените во Скопје достигнаа историски рекорди. Но, според последните анализи на Катастарот, трендот веќе не е ист. Иако сè уште има активност на пазарот, бројот на трансакции не расте со истото темпо како претходните години. Во дел од општините има помал интерес за купување, а агенциите за недвижности забележуваат дека процесот на продажба трае подолго.

Посебно се чувствува промената кај закупнините. Во екот на растот, изнајмувањето стан во Скопје достигна цени споредливи со европските метрополи. Во одредени делови од главниот град за двособен стан се бараа и по 500 до 700 евра месечно, а луксузните станови достигнуваа и повеќе илјади евра закупнина. Податоците покажуваат дека највисоката закупнина за стан во Скопје достигнала над 3.700 евра. Во извештајот се гледа дека бројот на закупи е концентриран во неколку урбани средини. Најмногу регистрирани закупи има во општина Центар – 347, потоа следуваат Битола со 173, Аеродром со 142 и Карпош со 141 регистриран закуп. Од друга страна, во голем број помали општини има само по еден или неколку регистрирани закупи, што покажува огромна нерамномерност на пазарот.

За квадрат стан во Кисела Вода платени неверојатни 2.888 евра, 45 квадрати чинеле 130.000 евра

Во првиот квартал годинава споредбено со четвртиот квартал од минатата година, закупот на станови бележи пад од 47 проценти, а намалување од 40 проценти има на вкупната месечна закупнина. Во општините Штип, Кисела Вода, Карпош и Охрид има  раст на просечната месечна закупнина, а закупнината е намалена во Гази Баба и во Аеродром.

– Од 1 јануари до 31 март годинава во Регистарот на цени и закупнини се евидентирани 2.583 закупи, што е намалување од 15,4 проценти во однос на четвртиот квартал од 2025 година – стои во извештајот.

Аналитичарите оценуваат дека бројките укажуваат на постепено „ладење“ на пазарот. Причините се повеќеслојни, високите цени на квадратот, поскапите станбени кредити, инфлацијата и намалената куповна моќ кај граѓаните. Понудата расте, а побарувачката ослабува. Голем број млади семејства повеќе не можат да си дозволат високи кирии. Дополнителен фактор е и иселувањето. Во некои градови надвор од Скопје има сè помал интерес за купување и изнајмување недвижности, што директно влијае врз цените. Додека главниот град и понатаму го држи приматот, во помалите општини бројот на трансакции е значително помал.

-Луѓето повеќе не купуваат стан по секоја цена. Денес купувачите многу повеќе анализираат дали вреди квадратот, каква е локацијата, какви се условите за кредитирање. Тоа го забавува пазарот- велат дел од агентите за недвижности.

Во меѓувреме, градежниот сектор и натаму инвестира во нови станбени комплекси. Според извештаите, илјадници станови се во фаза на изградба, што дополнително ќе ја зголеми понудата на пазарот.
Токму затоа економистите предупредуваат дека следниот период може да донесе уште поголем притисок врз цените, особено ако побарувачката продолжи да опаѓа. Дел од нив очекуваат стагнација, а некои предвидуваат и постепено намалување на цените во одредени сегменти, особено кај постарите станови и помалку атрактивните локации.
Сепак, и покрај забавувањето, недвижностите и натаму важат за сигурна инвестиција за дел од граѓаните. Особено во Скопје, интересот за квалитетна новоградба не исчезнува целосно. Но, експертите сметаат дека периодот на брз и неконтролиран раст веројатно завршува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот