Според турскиот селектор и двата турнира не требаше да се играат во Скопје

Двата квалификациски турнири за пласман на ЕП 2021 се играат во Скопје. Турскиот селектор Недим Озбеј смета дека тоа не е фер, но дека таквата ситуација ги мотивира уште повеќе. Од ОФМ велат дека Турција официјално не се противела за ваквата организација.

Селекторот на турската репрезентација Недим Озбеј смета дека двата турнира од квалификациите за Европското првенство во кои учествуваат и Македонија и Босна и Херцеговина не требало да се организираат во Скопје, дека тоа не е фер, но дека таа ситуација повеќе ги мотивира турските одбојкари да победат. Според генералниот секретар на Одбојкарската ферерација на Македонија Зоран Карановиќ, Турција не искажала никакво официјално противење што двата турнира се организираат во Македонија.

Да потсетиме, првично беше договорено еден од турнирите да се организира во Данска, а еден во Македонија. Но откако Данска го откажа учеството во квалификациите поради ковид-19, обата турнира ЦЕВ ѝ ги додели на Македонија. Сите мечеви од обата турнира се играат во „Борис Трајковски“, а квалификациите треба да завршат в сабота.

– Македонија се согласи двата турнира да се играат таму, согласно правилата на ЦЕВ. Според мене тоа не е фер, обата турнира не требаше да се играат таму. Но не е важно. Таа ситуација ќе не стимулира дури и повеќе. Мислам дека ќе се пласираме на првото место во нашата квалификациска група. Задоволен сум од подготовките и во добра форма одиме во овие квалификации – изјави Недим Озбеј пред патот во Скопје, што е објавено во медиумот „волејболх“ и во неколку други медиуми.

Турција која е фаворит за првото место во нашата група денеска ќе игра против БиХ, а утре нашиот тим ќе игра со Турците. Во вториот турнир, кој следува веднаш по првиот, играме со БиХ (14 јануари), ден потоа играат БиХ и Турција, а квалификациите завршуваат со мечот Турција – Македонија (16 јануари).

Првопласираниот сигурно оди на ЕП, а пласман може да заслужи и второппласираниот. Според Карановиќ на повеќето состаноци околу организацијата, Турција немала никакви забелешки.

ФОТО: Прв чекор кон пласман на ЕП, победнички старт на одбојкарите

– Имаше повеќе состаноци во врска со организацијата на турнирите. Турција ни во еден момент не се противеше двата турнира да се организираат во Македонија. Турција има голем организациски потенцијал, но не изрази желба да биде организатор – ни изјави Карановиќ.

Македонија се надева дека со две победи против БиХ и со добар резултат против Турција ќе се најде најмалку меѓу петте најдобри второпласирани тимови од седумте квалификациски групи кои обезбедуваат пласман на ЕП 2021, заедно со првопласираните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот