Спектакл во најава – Селин Дион ќе одржи уште шест концерти во Париз
Уште шест нови датуми се додадени на веќе најавените концерти на Селин Дион во Париз, со што вкупниот број настапи се искачи на 16.
Препорачано
Новите концерти ќе се одржат на 18 и 25 септември, како и на 2, 9, 16 и 17 октомври, објави тимот на светската ѕвезда на официјалната страница, токму на првиот ден од претпродажбата.
Серијата настапи ќе се реализира во Париз, во арената „Ла Дефанс“, една од најголемите концертни арени во Европа, со капацитет од околу 30.000 посетители по вечер.
Пејачката планира петнеделен престој во француската престолнина, кој започнува на 12 септември, а концертите ќе се одржуваат во среда, петок и сабота.
На 30 март, на својот 58. роденден, Селин Дион го најави своето големо враќање на сцената по шестгодишна пауза. Најавата беше направена преку видео и пораки проектирани на Ајфеловата кула.
Пауза од настапи направи поради пандемијата, но и поради здравствени причини. Од 2022 година таа се бори со синдром на укочена личност, ретко и неизлечиво невролошко заболување.
Интересот за концертите е огромен – илјадници обожаватели се пријавија за рана продажба на билети преку специјална лотарија. Организаторите предупредуваат билетите да се купуваат исклучиво преку официјални продажни платформи, поради ризик од измами.
Покрај концертите, Дион најави и нова песна која треба да ја претстави на 17 април. Автор на композицијата е Жан-Жак Голдман, кој стои зад нејзиниот култен албум „D’eux“, најпродаван франкофонски албум во историјата.


