Оваа специјална диета го забавува стареењето на мозокот за две години
Според новата студија, комбинацијата од две наградувани диети го забавила стареењето на клучните структури во мозокот за повеќе од две години.
Препорачано
Планот за исхрана фокусиран на мозокот се нарекува Медитеранска-ДАСХ диета за невродегенеративно одложување (МИНД). Таа ги комбинира деловите од наградуваната медитеранска диета кои се најздрави за мозокот и фалените прехранбени пристапи за запирање на хипертензијата (висок крвен притисок), кој го ограничува внесот на сол и кој е здрав за срцето.
Иако сите три диети се базираат на растенија и се доста слични, методот МИНД го нагласува консумирањето специфични намирници за кои се смета дека го намалуваат ризикот од деменција: бобинки, грав, лиснат зелен зеленчук, риба, живина, цели житарки, маслиново масло и јаткасти плодови (ореви, бадеми, лешници…). Храната со заситени масти, како што се сирење, путер, црвено месо и пржена храна, е исклучително ограничена.
– Луѓето кои построго се придржувале до диетата МИНД покажале побавно структурно стареење на мозокот во текот на приближно 12 години следење. Конкретно, тие имале побавно губење на сивата маса, делот од мозокот што содржи многу нервни клетки вклучени во меморијата, размислувањето и донесувањето одлуки – рекол водечкиот автор Чангженг Јуан, професор по истражување на Медицинскиот факултет на Универзитетот Жеџијанг во Хангжу, Кина.
Секое зголемување од три поени во придржувањето кон диетата МИНД е поврзано со 20 отсто помалку намалување на сивата маса, што одговара на 2,5 годишно одложување на стареењето на мозокот, според студијата.
– Студиите ги поврзаа и медитеранската и МИНД диетата со подобрувања во когнитивниот пад и помал ризик од Алцхајмерова болест. Заклучоците од новата студија се во согласност со тие претходни наоди и додаваат „понатамошна поддршка за консумирање на медитеранска диета – рекол водечкиот истражувач за исхрана д-р Валтер Вилет.
Бобинките и живината најмногу придонеле за ефектот против стареење кој е утврден во студијата.
– Бобинките се богати со антиоксиданти и други биоактивни соединенија, а живината може да обезбеди висококвалитетни протеини како дел од балансирана исхрана. Спротивно на тоа, поголемиот внес на слатки и пржена брза храна обично се поврзуваше со побрзо стареење на мозокот со текот на времето – рекол Хуи Чен, професор по психологија и науки за однесување на Медицинскиот факултет на Универзитетот Жеџијанг во Хангжу, Кина.
Исто така, имало и неочекувани откритија во студијата: консумирањето сирење се чини дека го штити мозокот, додека поголемиот внес на цели житарки бил поврзан со побрзо намалување на сивата маса.
Меѓутоа, Чен рекол дека сирењето е толку ограничено во диетата МИНД што „не би ги протолкувал нашите наоди како доказ дека самото сирење го штити мозокот“.
Што се однесува до целите житарки, она што се сметало за „цели житарки“ во 1990-тите можеби не ги исполнува денешните стандарди за навистина здрава храна од цели житарки, рекол Јуан, па затоа ова откритие не треба да се толкува дека целите житарки се штетни за мозокот.


