Расте продажбата на паметните очила на „Мета“, но и стравот од нарушување на приватноста
Иако паметните очила на „Мета“ (Ray-Ban Meta) се продаваат подобро од кога било, со над седум милиони продадени примероци, тие стануваат центар на сериозни дебати за приватноста и етиката. Најголемиот проблем лежи во нивната дискреција, вградената камера е речиси невидлива, а малото светло што сигнализира снимање е едвај забележливо на дневна светлина, пишува „Би-би-си“.
Препорачано
Ова доведе до нов бран на вознемирување, каде што мажи снимаат жени на јавни места без нивна дозвола, често објавувајќи ги нивните реакции на социјалните мрежи за забава или профит.

Проблемите не застануваат само на јавните простори. Мета веќе се соочува со тужби откако беше откриено дека работници во Кенија ги прегледувале видеата снимени преку очилата за да го научат софтверот подобро да препознава предмети и ситуации.
Корисниците тврдат дека воопшто не знаеле дека нивните приватни моменти, снимени во бањи или во интимни ситуации, биле испраќани на преглед. И покрај тоа што Мета тврди дека корисниците се одговорни за начинот на кој ја користат технологијата, критичарите сметаат дека ваквите уреди постојано ја нарушуваат приватноста.

Од друга страна, корисниците кои ги прифатија очилата ги фалат поради нивната практичност, овозможуваат лесно слушање музика, примање повици и фотографирање без користење на рацете. Сепак, експертите предупредуваат дека со влезот на Епл и Гугл на овој пазар, наскоро ќе се соочиме со ситуација каде што милиони луѓе ќе носат камери на своето лице. Ова ќе го направи речиси невозможно спроведувањето на забраните за снимање во болници, судови или кина. Дополнително загрижува најавата на Мета за додавање на технологија за препознавање лица, што би овозможило не само тајно снимање, туку и моментална идентификација на луѓето на улица.


