Фото: Експрес

Снег ја затрупа Словенија: спасувачките тимови се на штрек, 48.000 домови немаат струја

Североисточна Словенија е погодена од обилен и влажен снег, кој предизвика масовни прекини во снабдувањето со електрична енергија, особено во поширокото подрачје на Марибор, како и нарушувања во патниот и железничкиот сообраќај и оштетувања на дрвјата. Погодени се и други делови од земјата, објави „Словенија тајмс“.

Во североисточниот дел, околу 40.000 домаќинства снабдувани од дистрибутерот „Електро Марибор“ и околу 8.000 корисници на „Електро Целје“ останаа без струја по обилните врнежи од снег што почнаа рано на 20 февруари. Прекините во електроснабдувањето го нарушија и водоснабдувањето за пиење, како и автобускиот превоз што се одвива на електрична енергија.

– Ситуацијата на терен е екстремна… сите наши тимови се во готовност и во постојан контакт со цивилната заштита и со пожарникарите. Најлошо е што откажаа среднонапонските електроводови – изјави за медиумите извршната директорка на „Електро Марибор“, Татјана Вогринец Бургар.

Таа апелира граѓаните да бидат трпеливи „бидејќи ситуацијата може да потрае извесно време додека целосно се воспостави снабдувањето со струја“.

Прекини на електричната енергија се пријавени и во некои други делови од земјата.

Откажани летови и возови во Букурешт – аеродромот е затрупан од снег

Блокирани патишта, паднати дрвја, камиони се лизгаат

Поради снегот и калта на коловозите, условите за возење се отежнати. На некои делници е воведена забрана за сообраќај на приколки и полуприколки.

Во североисточна Словенија повеќе патишта се блокирани поради паднати дрвја и лизгање на камиони. На некои места се создадоа сообраќајни колони поради работата на екипите за чистење снег.

На патот од Сотина до граничниот премин Кузма со Австрија, во североистокот на земјата, се проценува дека околу 150 дрвја паднале на коловозот.

Паднати дрвја го прекинаа и железничкиот сообраќај на релацијата меѓу Шентиљ и Шпилфелд во Австрија. И на многу други железнички линии низ земјата имаше доцнења поради временските услови.

Оштетени се 50.000 кубни метри дрвна маса

Словенечката шумарска служба процени дека снегот оштетил околу 50.000 кубни метри дрвна маса во подрачјата Горичко, Халозе, Словенске Горице, пониските делови на масивот Похорје, како и во Козјак и Пашки Козјак.

Поради снегот, на сила е „жолт аларм“ за Корушка, Штајерска и Помурје, додека за Јулијанските Алпи на северозапад е издадено предупредување за лавини.

Се очекува снежните врнежи да ослабнат во попладневните часови и главно да престанат до вечерта.

Следната недела температурите во земјата се очекува да се искачат до околу 15 степени Целзиусови.

ВИДЕО | Јадранот голта куќи во Хрватска: страшна бура ја погоди земјата, поплавени се локали, шеталишта станале базени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот