Претседател на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски/Фото: Лична архива

Ѓорѓиевски: Службениците да се вратат во погоните или да го зголемиме увозот на странци – проблемот со недостиг на кадар станува алармантен

Проблем не е бизнисот, туку администрацијата. Треба да научиме дека за да земеме плата – треба да работиме. Тој што е квалитетен во приватниот сектор зема одлична плата, а оние што не се задоволни си заминуваат, рече новиот претседател на ССК, Горан Ѓорѓиевски

Приватниот сектор е подготвен да им „подаде“ рака на сите административци кои ќе сакаат да седнат зад машините, односно да го впие евентуалниот вишок на службеници за да се справи со недостигот на работна сила, кој станува проблем број 1 за стопанството. Во спротивно, според Горан Ѓорѓиевски, новиот претседател на Сојузот на стопански комори (ССК), Владата, ќе мора да го зголеми увозот на странски работници што не секогаш е соодветно решение за одредени производни сектори. Ѓорѓиевски е дециден дека мора да се намали таканаречената непродуктивна вработеност.

Новиот претседател на ССК, вели дека висината на платата е само еден дел од проблемот, а бидејќи треба да се води сметка да не се наруши ликвидноста на компаниите. Тој смета дека секое зголемување на минималната плата води кон спирала на покажувања во сите сектори, а најголемиот дел од малите и средни претпријатија не можат да го издражт тој товар. Во март догодина, нив ги чека ново зголемување на минималецот, кој сега изнесува 24.400 денари.

-Недостигот од квалификуван кадар се зголемува и Владата мора да го реши. Ние како Комора, максимално ќе се залагаме за интересите на компаниите и нивниот раст и секогаш ќе стои зад интересот на бизнисот. Мора да има одржлив баланс кога се работи за платите. Покачувањето на минималната плата влијае на зголемување на сите останати плати. Проблем не е бизнисот, туку администрацијата. Треба да научиме дека треба да работиме, за да земаме плата, треба да креираме ситуација на работње во општеството. Тој што е квалитетен во приватниот сектор зема одлична плата, а оние што не се задоволни си заминуваат – рече Ѓорѓиевски, кој пред новинарите ги претстави идните приоритети на ССК.

Како што истакна тој, за раст на БДП е неопходно покачување на продуктивноста, спроведување на процесот на дигитализација, поддршка на претприемништвото и иновациите, но и лесен пристап до финансии преку евтини кредити и сериозни грант шеми. Во моментот ССК е најголема мрежа која ги сплотува интересите на малите и средни претпријатија, кои претставуваат 97 отсто од бизнис милјето во државата. Но за да се забрза нивната конкурентност, потребно е олеснување до пристапот до финансии, бидејќи МСП во моментот земаат кредити само да ја подобрат својата ликвидност.

-И сегашните каматни стапки на кредитите се превисоки за голем дел од МСП, затоа се потребни грантови кои како во европските земји ќе се движат и до 50 отсто. Само така ќе ја подобриме конкурентноста и нашите производи полесно ќе се извезуваат, оти сега од Европа влегуваат многу поевтини производи – посочи Ѓорѓиевски.

Овиот претседател на ССК вели дека секогаш ќе биде на страната на производителите, но и дека трговците имаат свои специфики. Ѓорѓиевски додаде дека нема да поддржат нови ограничувања на пазарот или замрзнувања на маржите.

-Тоа не е пазарна економија, мора да го оставиме пазарот сам да се регулира. Потребно е зголемување на домашното производство, но тоа не е процес кој ќе дојде преку ноќ, но не треба да има замрзнувања на маржите. Имаме институции, а имаме и Закон за нефер трговски практики, кој треба да ја регулира ситуацијата со цените на пазарот – рече Ѓорѓиевски.

Тој најави и дека ССК ќе формира комора за енергетика и рударство, но и посебна канцеларија за реализирање што поголем број проекти. Ѓорѓиевски рече дека не знае која била висината на казната која Комората ја платила откако Комисијата за заштита на конкуренцијата го обвини претходното раководство и четири големи трговски синџири дека направиле картелско здржување.

-Ќе направиме ревизија на материјално-финансиското работење на ССК и многу скоро ќе излеземе со податоци во јавноста. Ова беше катарза и мора да гледаме напрад – додаде Ѓорѓиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот