Унгарија ќе ја тужи ЕУ ако целосно го укине увозот на руски гас

Додека Унгарија најавува судски спор со ЕУ поради планот за укинување на увозот на руски гас до 2027 година, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, предупредува дека Унијата е „осудена на уште побрзо губење на својата моќ“.

Унгарија соопшти дека ќе покрене правна постапка против одобрувањето на ЕУ за привремениот договор за постепено укинување на увозот на руски природен гас, додека блокот се обидува да ја прекине својата зависност од руската енергија, информира „Радио Слободна Европа“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека блокот влегува во „нова ера“ со постепеното исфрлање на руските фосилни горива, што ја вклучува и мерката усвоена на 3 декември со која се забранува увоз на течен природен гас (ЛНГ) до крајот на 2026 година, а увозот преку гасоводи да биде целосно укинат до есента 2027 година.

– Додека драматично го намаливме увозот на руски фосилни горива, ги намаливме и приходите кои Русија ги користи за водење на својата агресорска војна против Украина. На почетокот на војната ѝ плаќавме на Русија 12 милијарди евра месечно за фосилни горива, а сега сме на 1,5 милијарди евра месечно. Сѐ уште е многу. Целта ни е да го сведеме на нула – додаде таа.

Регулативата е правно обврзувачка, што ја натера Унгарија, копнена држава која е силно зависна од руските енергетски испораки, да најави дека ќе ја оспори одлуката пред Судот на правдата на ЕУ.

– Прифаќањето и спроведувањето на оваа наредба од Брисел е невозможно за Унгарија – изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Штом планот „Рипауер ЕУ“ формално биде усвоен, додаде тој, веднаш ќе го оспориме пред Судот на правдата на Европската Унија.

Сијарто тврди дека одлуката го прекршува основачкиот документ на блокот и дека претставува санкциска мерка против Русија, а не вистинска трговска политика.

Некои земји членки на ЕУ ќе игнорираат каква било забрана за увоз на руски гас

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој честопати ја критикува Европа за, како што вели, „тврдиот став“ кон Русија во контекст на војната во Украина, тврди дека руската енергија е „витална“ за Унгарија.

Способноста на Русија да води војна против Украина е овозможена, и финансирана, преку континуиран извоз на нафта и гас.

Песков: Европа уште побрзо ќе ја изгуби својата моќ

Договорот на Европејците за забрана на увозот на руски гас од есен 2027 година значи дека Европската Унија е осудена на побрзо губење на својата моќ, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Европа е осудена на поскапи извори на енергија, што неизбежно ќе има последици за европската економија и ќе предизвика намалување на нејзината конкурентност. Ова само ќе го забрза процесот на губење на потенцијалот на европската економија да биде лидер, што започна во последните години – додаде тој.

Словачка, која, исто така, предупредува дека напуштањето на руските енергетски испораки ќе има сериозни последици врз нејзината економија, соопшти дека ја разгледува својата реакција на новите мерки.

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, ја критикуваше Европа поради зависноста од руската енергија.

Министерството за трезор на САД на 22 октомври објави санкции кон „Роснефт“ и „Лукоил“ – две најголеми руски нафтени компании, чии приходи значително ги полнат буџетите на Кремљ.

Листата за купување на Лукоил се проширува, меѓу заинтересираните купувачи и американски компании

Ден подоцна, Брисел ги таргетираше „Роснефт“ и „Газпромњефт“, друга голема компанија, подружница на рускиот гасен гигант „Газпром“.

Трамп, пак, ѝ даде на Унгарија изземање од американските санкции за купување руска енергија, според Орбан, еден од најблиските европски сојузници на американскиот претседател.

„Успеавме, Путин веќе нема да го манипулира пазарот“

Еврокомесарот за енергетика, Дан Јоргенсен, го прослави овој чекор на ЕУ.

„Успеавме: Европа го исклучува вентилот на рускиот гас, засекогаш. Избравме енергетска безбедност и независност за Европа. Нема повеќе уцени. Нема повеќе манипулации со пазарот од страна Путин. Стоиме цврсто со Украина,“ напиша тој на „Икс“.

За да биде формално усвоен, привремениот договор мора да го одобрат Европскиот парламент и земјите-членки.

Романија даде зелено светло: Ако дојде криза, Владата ќе го преземе „Лукоил“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот