Романија даде зелено светло: Ако дојде криза, Владата ќе го преземе „Лукоил“
Владата на Романија во вторникот одобри уредба со која ѝ се овозможува да ги преземе локалните средства на компании под меѓународни санкции, како што е руската „Лукоил“, објави „Ројтерс“.
Препорачано
„Лукоил“ има 320 бензински пумпи во Романија, ја управува третата по големина рафинерија во земјата и има офшор права за истражување во дел од Црното Море.
Рафинеријата, која обезбедува околу една четвртина од вкупното гориво во Романија, со недели е затворена поради одржување.
Официјални лица велат дека земјата членка на ЕУ има доволно резерви за да избегне скокови во цените што би можеле да ја влошат инфлацијата, која во моментов е највисока во ЕУ.
Според новата уредба, владата може да назначи специјални администратори во компании доколку санкциите го нарушат функционирањето на економските сектори, предизвикаат зголемување на цените или ја загрозат енергетската безбедност. За тоа е потребно претходно одобрение од Високиот совет за одбрана на Романија.
Листата за купување на Лукоил се проширува, меѓу заинтересираните купувачи и американски компании
Мерката е слична на законот донесен минатиот месец во соседна Бугарија, со кој државата може да ја преземе рафинеријата „Нефтохим“ на Лукоил. Засега, не е јасно дали Романија навистина ќе ги искористи новите овластувања.
Премиерот Илие Боложеан изјави дека кабинетот во декември ќе реши дали да ги преземе локалните бензински станици на Лукоил.
Во ноември, министерот за енергетика Богдан Иван рече дека три компании директно преговараат со „Лукоил“ за купување на нејзините романски средства.
Уредбата ѝ овозможува и на Романија да ги преземе истражувачките права на „Лукоил“ во делот Тридент од Црното Море.
Лукоил поседува 85 отсто од блоковите „Тридент“ и „Ест Рапсодија“, додека државниот гасен производител „Ромгаз“ има малцински удел. Лиценцата за истражување на „Лукоил“ истекува во првата половина од 2026 година.
Два извора од романското министерство за енергетика за „Ројтерс“ изјавиле дека прелиминарните резултати од дупчењето не укажуваат на значајни наоѓалишта на гас.


