Тројца потенцијални купувачи во игра за Лукоил во Романија
Интерес за преземање на средствата на „Лукоил“ во Романија досега покажале три компании, изјави во вторник романскиот министер за енергетика Богдан Иван, пренесуваат романските медиуми. Тој истакна дека заинтересираните страни веќе се во директни преговори со руската нафтена компанија.
Препорачано
Рускиот енергетски гигант во Романија располага со мрежа од 320 бензински пумпи, управува со третата најголема рафинерија во земјата и има концесија за истражување на потенцијални наоѓалишта во романските води на Црното Море, јавува Факти.бг.
Според порталот profit.ro, три компании формално изразиле интерес за купување на операциите на „Лукоил“. Министерот Иван посочи дека државата е информирана за преговорите и ги следи, иако се работи за трансакција меѓу приватни субјекти.
„Тие нè информираа пред неколку недели, ние сме во контакт. Во интерес на сите е договорот да се финализира што е можно побрзо“, изјави тој.
Романскиот весник Бурса.ро минатата недела објави дека унгарскиот МОЛ, грчкиот Хеленик Петролеум и американскиот инвестициски фонд Карлје се меѓу заинтересираните купувачи. Тие размислуваат да ја купат рафинеријата, дистрибутивната мрежа – или целиот пакет.
Познато е дека МОЛ веќе покажа интерес и за средствата на „Лукоил“ во Бугарија, што лани го потврди унгарскиот премиер Виктор Орбан. Според извори на Ројтерс, Карлје размислува да го преземе комплетниот пакет странски операции на „Лукоил“.
Романија сака да ја заштити државната енергетска безбедност
Рафинеријата „Петротел“, која е под управување на „Лукоил“, моментално е затворена поради редовно одржување, но романските власти уверуваат дека тоа нема да влијае врз пазарот затоа што државните резерви се доволни. Оваа рафинерија обезбедува околу една четвртина од горивото во Романија.
Премиерот Илие Болојан минатата недела соопшти дека се преземаат мерки за заштита на интересите на државната компанија „Ромгаз“, која има 12,2% удел во гасното поле „Тридент“ во Црното Море, проект што во моментов го управува руска компанија.
Букурешт, според неговите зборови, работи во координација со американското Министерство за финансии, кое воведе санкции кон „Лукоил“. Деталите за оваа соработка засега не се објавени.
Во март минатата година, грчката компанија „Паблик Пауер Корп“ купи ветерна фарма од 84 мегавати во Констанца од „Лукоил“, што беше прв сигнал за постепено повлекување на рускиот гигант од енергетскиот пазар во Романија.


