Сидни Свини направи рекламна кампања за нејзиниот нов бренд „Сајрен“ / Фото: Инстаграм/„Сајрен“

ФОТО | Сидни Свини ќе продава градници: Холивудската актерка го претстави својот бренд за долна облека со провокативна фотосесија

Холивудската актерка Сидни Свини официјално влегува во светот на модата и претприемништвото. Таа го најави лансирањето на својот бренд за долна облека „Сајрен“ (Syrn), кој, како што истакнува, произлегол од долгогодишно незадоволство од фактот што голем дел од женската долна облека изгледа атрактивно, но не нуди вистинска удобност.

Брендот „Сајрен“ е создаден како одговор на честата дилема со која се соочуваат жените: тешкотијата да се пронајдат градници што истовремено се естетски привлечни и функционални. Свини посочува дека целта била да се создаде долна облека што функционира во реалниот живот, без притисок и наметнати стандарди.

„Сакав бренд што навистина ги разбира жените. ‘Сајрен’ ја слави самодовербата без ограничувања – чувството кога си секси, моќна, нежна или разиграна, па дури и сè тоа во ист ден“, изјави актерката во интервју за „Ел“.

Фото: Инстаграм/„Сајрен“

Првата колекција го носи името „Седактрес“ (што во превод значи „Заводница“) и е опишана како смела и самоуверена, со јасна порака дека жената треба да се облекува за себе, а не за туѓи очекувања. По оваа линија, најавени се уште три колекции со различен карактер: „Комфи“ (во превод – „Удобна“), фокусирана на удобноста, „Плејфул“ (во превод – „Игрива“), која комбинира долна облека и домашни парчиња, и „Романтик“ (во превод – „Романтична“), со попрозирни и порафинирани модели.

Една од клучните карактеристики на „Сајрен“ е широкиот распон на големини. Производите ќе бидат достапни во 44 различни големини – од 30Б до 42ДДД, што ретко се среќава во стандардната понуда на долна облека. Свини нагласува дека лично била вклучена во сите фази на развојот – од дизајнот на моделите до креативниот концепт.

Посебно внимание, според неа, е посветено на деталите што ја прават разликата во секојдневната употреба: ременчиња, рабови, траки и кроеви што не се впиваат во телото и не предизвикуваат непријатност.

„Градите се како отпечатоци од прсти – ниедна не е иста. Токму така пристапив и во дизајнот“, истакнува актерката.

„Сајрен“ официјално стартува со продажба на 28 јануари. Во почетната фаза, производите ќе бидат достапни на американскиот пазар, а најавено е дека поголемиот дел од асортиманот ќе има цена под 100 долари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот