Што прави денеска: Никола Серафимов, фудбалер

Фото: Никола Серафимов/Zte ff/Приватна архива/FFMacedonia

Никола Серафимов е македонски професионален фудбалер, кој игра за Залаегерцег и за репрезентацијата на Северна Македонија. Еден од најдобрите млади македонски фудбалери, 21-годишниот Серафимов својата кариера ја продолжи во унгарскиот Залаегерцег. Ова е втор интернационален клуб за кој игра Серафимов.

Талентираниот фудбалер потпиша тригодишен договор со екипата, а претходно играше за чешка Јихлава, како и за македонски Вардар. Серафимов, кој фудбалски потекнува од школата на Вардар, претходно во својата кариера имаше настапи и за Пелистер и Брегалница.

Серафимов овој пат ни долови како изгледа едно негово секојдневие.

Фото: Никола Серафимов/Zte fc

„Можам да кажам дека како и сите останати спортисти, секој мој ден се одвива по некој „шаблон“. Главно, имаме тренинзи наутро, а јас не сум од оние – ранобудници. Станувам околу 8:30 – 9:00 часот наутро, и тоа со големи тешкотии, и по неколку исклучувања на алармот, станувам, појадувам дома и се упатувам во нашата тренинг-база.

Таму, заедно со моите соиграчи, го пијам моето прво утринско кафе и се подготвувам за тренинг. Генерално, тренираме околу 10 часот.

По секој тренинг, поминувам уште неколку часa во тренинг-базата, правејќи најразлични вежби – или за превенција од повреди или вежби за сила, итн. Еднаш неделно практикувам да користам сауна и секако правам терапии со нашиот медицински тим доколку имам потреба од тоа.

Фото: Никола Серафимов/Zte fc

Некаде околу 13 часот завршувам со сите активности во базата и заминувам на ручек. Најчесто на ручек одам во некој од моите омилени ресторани во градот со моите пријатели.

По ручекот, се враќам дома и буквално секој ден морам да отспијам барем час и половина, затоа што тогаш ги полнам батериите и попладневниот сон ми е најсладок, но и закрепнувачки за мојот организам.
Навечер, имам време за себе. Слободното време го организирам во зависност од моето расположение. Понекогаш излегувам со пријателите на кафе или на вечера, а многу често знам да останам и дома, да гледам некој добар филм на Нетфликс или да „гејмам“ (играм игрици).

Фото: Никола Серафимов/Приватна архива

Можам да кажам и дека добро се снаоѓам во кујна и многу често сакам да зготвам нешто за вечера. Главно, тоа се тестенини или моето омилено јадења – пилешко во кари сос. Пред спиење, ги користам социјалните мрежи и слушам музика. Некаде околу полноќ легнувам да спијам, и со тоа завршува мојот ден.“

Фото: Никола Серафимов/Zte FC

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот