Што прави денеска: Борис Цветановски, музичар

Борис Цветановски / Ris Flower
Борис Цветановски aka Ris Flower / Фото: Марија Танчева

Борис Цветановски е пејач, текстописец, инструменталист и музички продуцент, кој на интернационалната музичка сцена ѝ се претстави под псевдонимот Рис Флауер (Ris Flower).

Музичката приказна на Рис Флауер започна во 2020 година, со песната „Translucent“, а потоа следуваа и песните „Set Me Free“ и „Hearts So Cold“, кои беа одлично прифатени од слушателите кои претпочитаат инди-поп музика.

При создавањето на неговата музика, Борис соработува со квалитетни музичари и продуценти од Турција, кои, исто така, се долгогодишни соработници на најголемите турски ѕвезди како Таркан, Мустафа Сандал, Сертеб Еренер и многу други.

Последно македонската јавност имаше прилика да го слушне со песната „Flying to Berlin“ на Националниот избор за песна на Евровизија.

Фото: Андреј Ѓорѓиевски

Овојпат, Борис ни сподели како изгледа еден негов ден.

„Како автор на своите песни и текстови, се трудам колку повеќе можам да посветам време во работа на себе со цел да го извадам максимумот. Секое утро практикувам вежби по пеење за да го одржувам гласот во најдобра форма. Покрај вежбите за пеење, во утрата не изостанува и физичката активност.

Претпладне, исто така посветувам време на инструмент, најчесто гитара или пијано и во овој дел од денот, додека сум сѐ уште „свеж“ и одморен, се посветувам на компонирањето на текстови и нова музика.

Иако процесот на креирање на музика зависи од инспирацијата, сепак, во овој период од денот ги сублимирам идеите и ги вклопувам во форма на песни. Инспирацијата за музика понекогаш продолжува и во остатокот од денот, па доколку се појави подоцна, сите идеи најчесто ги запишувам во потсетникот на телефонот.

Фото: Марија Танчева

Во изминатите три месеци, во фокусот ми е подготовка на мојот нов албум и настапите во живо. Половина од времето сум во Истанбул, бидејќи таму се наоѓа студиото и тимот со кој работам, а половина од времето сум во Македонија.

Моментално сум во Македонија, бидејќи во овој период сум ангажиран со настапите во живо, со бендот на Рис Флауер. Пред речиси две недели имав три концерти и тоа во Битола, Маврово и Крушево, а неделава продолжувам со настапи во живо во Охрид, Струмица, Гевгелија и во Скопје. Потоа, повторно заминувам за Истанбул каде што ќе работам на последните студиски подготовки за албумот. Кога сум во Турција, часовите од попладнето ми поминуваат во студио работејќи со тамошните музичари и продуценти, давајќи им конечна форма на песните кои публиката ќе има можност да ги слушне оваа пролет.

Да се биде артист не значи само да се биде музичар, туку да се живее и креира онака како што се чувствува. Освен творењето на музика, секојдневно работам и на музичкиот маркетинг, социјалните медиуми, читам и учам за вредностите што ги пренесувам во својата музика.

Фото: Марија Танчева

Минатиот месец заедно со тимот на Рис Флауер ја издадовме и првата колекција на облека (маички), инспирирана од текстовите на Рис Флауер, наречена „FLOWEAR“ – (www.theflowear.com), па во периоди од денот комуницирам и со маркетинг тимот за овој бренд.

Секој аспект од музиката ме носи во посебен свет, затоа често сум подложен и на промени во секојдневието. Сметам дека личната трансформација додека се креира е одлика на секој артист, па оттаму можам да кажам дека секојдневието ми е променливо, возбудливо и живописно.

Промените, како во секојдневието, се присутни и во мојот досегашен опус. Приказната на Ris Flower започна со „Translucent“, песна што ја избрав за првa бидејќи го претставува првиот момент на „будење“ на умот и тешката борба за излез од „кутијата“.

Фото: Андреј Ѓорѓиевски

Вториот сингл, кој излезе само неколку месеци по „Translucent“, се вика „Set Me Free“ и всушност ja претставува желбата и борбата за слобода, метафорички потребата за дишење и заробените срца.

Потоа следеше LIVE EP со 4 композиции кои се продолжение на претходните две, во кои сакав да го претставам мојот сценски настап, мојот бенд, моќта на изведбата во живо, поради што го именувавме тоа ЕП како „LIVE POWER SESSION“. Овој концет во живо беше последното нешто снимено во легендарната „Универзална Сала“.

Минатата година ја заокружив со синглот „Hearts So Cold“. Оваа песна е инспирирана од моменталната ситуација на студени срца ширум светот, глобално, и показател дека единствениот спас е во љубовта, единственото нешто што може да не извлече од оваа ситуација.

Борис Цветановски / Ris Flower
Фото: Александра Костадиновска

Во јануари 2022 излезе веќе познатата „Flying To Berlin“ која беше македонски евровизиски кандидат. Оваа песна, која што наиде на голема заинтересираност од публиката, е предвесник на новиот материјал кој ќе биде издаден оваа пролет.

Иако музиката е мојата вистинска љубов, мојата професионална позадина е дијаметрално различна. Моето формално образование е од областа на медицината, а работам и како стоматолог. И во двете занимања ја наоѓам врската помеѓу прецизноста и посветеноста. Креативноста и уметноста се испреплетени во моите две професии, музиката и стоматологијата. Оваа симбиоза ми дава поинаков поглед и пристап за слободно творење на двете полиња, но и големи обврски.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот