Што прави денеска – Арна Шијак, актерка

Во последно време немам некој посебен ангажман во театар и можам да се посветам на работите и афинитетите на кои претходно не сум можела, онолку колку што сум посакувала, но и на сосема нови. Убаво е понекогаш да може да си дозволите да бидете „фул тајм“ мајка и домаќинка. Па така и овој вторник станувам пред сите и денот започнува со лажичка мед и првото утринско кафе, кое убаво легнува кога е испиено на раат. Некогаш раатот се крши, ако додека трае ритуалот се информирам и за тоа што се случува „во реалноста“, па се прекорувам, зашто најчесто детектирам само цивилизациски зорт.

Синот е тинејџер, да е жив и здрав, и секојдневието е прилично забавно, но не љуби да се спомнува, затоа толку за него.

„Фул тајм“ мајка и домаќинка претпоставува подмирување куче и маче со нивните „потрепштини“, средување на домот, обиколка на билките, зашто заради убавиов ноември, некои сѐ уште се надвор. Потоа следуваат набавките и подмирувањето на луѓето, кои во меѓувреме се разбудиле, па прво појадок, па ручек, ужина и половина ден поминал во кујната, зашто сѐ ова циклично се повторува. И потоа и вечерата. Не сум единствена во кујната и воопшто во обврските во домот, да е жива и здрава мајка ми, заедно се надополнуваме. Особено кога имам некое снимање или друга обврска, таа е мојата потпора.

Од крајот на минатата година разгорев една стара страст што се вика плетење, бидејќи баба ми, Бог да ја прости, уште како деца, сите внуки нѐ подучи на почетоците на плетењето и везењето, што е прекрасен адет останат од предците, а нам, иако забавно, тогаш не ни беше полетно. Сега, полетното е во чудесијата од претворање на клопчето во нешто не само лично, туку и корисно. Како вештина делува смирувачки, зашто во секоја исплетена петлица се вткајуваат сопствените мисли, чувства и желби, нешто како исповед, како молитвата вткаена во бројаницата.

И така дур нешто се крчка, дур нешто се плете, иако денес иглите ќе мируваат, сепак е празник, дур нешто се муабети, дур некој се гушка, дур нешто се читка – летнал денот. Легнувам последна од сите и гледам или некој документарец или стари филмови, кои некако влијаеле врз формирањето на мојот вкус. Благодарна за денот, за времето минато со моите љубени и спокојот што нивната добробит ја дава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот