„Шанса за Центар“ обвини за бетонизација кај „Треска“, Општината им возврати дека манипулираат и шират лаги

Фабрика „Треска“, Фото: Приватна архива

„Горан Герасимовски е над прописите и законите и своеволно одлучува да не ги спроведува одлуките на Советот на Општината – како што е вклопување на Конкурсот во ново урбанистичко решение за локалитетот на фабриката „Треска“. Ги игнорира, како да не постојат, докажаните и утврдени недоследности од планот наведени во Елаборатите за суспензија, изготвени токму од стручна комисија за урбанизам од Општината која ја раководи“, обвинија на денешната прес-конференција од иницијативата „Шанса за Центар“, која има тројца советници во Советот на општина Центар.

Оттаму велат дека Герасимовски ќе остане запаметен како човек кој го продал државното земјиште кај „Треска“ кое можело да се искористи за детски градинки, игралишта и зеленило. Тие укажаа дека се издадени првите одобренија за продажба на државно земјиште на овој простор за дооформување на парцели, а следниот чекор е издавање градежни дозволи, што значи дека ќе се гради, според нив, по незаконскиот план донесен во 2012 година.

Со овој чекор, трајно се запечатува можноста за поинакво решение на тој последен слободен простор во Центарот, кој да потсетиме, скоро 50% е на граѓаните – велат од , „Шанса за Центар“.

Од Општина Центар пак ги повикаа од „Шанса за Центар“ да престанат со манипулациите, дека нема никакво бетонизирање и отуѓување на земјиште и посочуваат дека советниците на „Шанса за Центар“ и Јана Белчева на прес конференцијата изнеле низа лаги и манипулации за просторот кај поранешна „Треска“.

 „Шанса за Центар“ манипулира постојано со површината на државното земјиште. На површина од 41.000 м2, 47% е државно земјиште, од кое само околу 10% е предмет на дооформување и таа постапка за дооформување на градежни парцели е законска обврска на општината. Останатите 37% се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ. Општината ниту распродава, ниту отуѓува. Напротив, градоначалникот Герасимовски се заложи да на просторот биде донирана и изградена градинка и парк, а блоковското зеленило да биде над задолжителните 20% на парцелите. Не само што нема бетонизација, туку се обезбедува парк и повеќе зеленило како и јавни површини – тврдат од Општината.

Оттаму додават дека новото раководство на Центар преку Град Скопје повело постапка за донесување регулациски план за ДУП Градска четврт З11, локалитети Буњаковец 1 и 2 и дека носењето на овој план значително би ја олеснила процедурата за одвојување и донесување на план само за просторот кај фабриката „Треска“, со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот.

Сѐ до носењето на ваквиот регулациски план, општината ниту може законски, ниту пак има надлежност да стопира правни постапки на сопствениците. За тоа кривично се одговара! Ја прашуваме Белчева дали општината треба да го прекрши законот или некој кривично да одговара за институционално блокирање на граѓаните во реализација на нивните права? Дали таа и „Шанса за Центар“ ќе ги плаќаат пеналите за евентуалното непостапување? Дали предлага да се повтори нова бесправна постапка како со мораториумот кој го иницираше токму Белчева, свесна дека е незаконски и невозможен? – велат од Центар.

Од Општината посочуваат дека „Шанса за Центар“ го брани конкурсот кој го распиша Јана Белчева, кога претседаваше со Советот на Општината и за кој и самата знае дека во реалноста не може да се реализира.

 Нема ниедна законска можност, ниту пак тој конкурс е спроведен согласно закон, за истиот на било кој начин да се користи. На истиот начин, спротивно на законот, беше спроведен мораториумот кој подоцна беше поништен а од кој штета трпеа само граѓаните. „Шанса за Центар“, чии членови во континуитет изминатите 5 и пол години се дел од власта во општината, не направи ништо за урбанизмот, не донесе ниту еден значаен ДУП, ниту пак на било кој начин ја подобри состојбата на граѓаните – реагираат од Општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот