Селин Дион се враќа на сцената: Музичката дива ќе одржи серија концерти во Париз
По спектакуларниот настап на отворањето на Олимписките игри во 2024 година, каде што ја изведе „Hymne A L’Amour“ под Ајфеловата кула, Селин Дион е подготвена за своето големо големо враќање на сцената во Франција. Веста првично беше објавена во француско-канадскиот весник „La Presse“, а веднаш потоа низ улиците на Париз започна разиграна кампања со плакати на кои се испишани насловите на нејзините култни хитови, како „Pour que tu m’aimes encore“ и „The Power of Love“, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Се очекува Дион да одржи серија концерти во арената „Ла Дефанс“ (La Défense Arena), која е со капацитет од 40.000 места. Според информациите, таа ќе настапува двапати неделно во текот на септември и октомври. Оваа арена претходно беше домаќин на светски ѕвезди како Тејлор Свифт, „Ролинг стоунс“ и Кендрик Ламар.
Иако веста е веќе актуелна, претставниците на пејачката, контактирани од магазинот „Верајети“, засега немаат официјален коментар.

По тешката битка со болеста повторно на сцената
Париските концерти на Селин Дион првично беа планирани за 2020 година како дел од светската турнеја „Courage“, но беа одложени поради пандемијата, а подоцна и поради нејзините сериозни здравствени проблеми.
Во 2022 година, на пејачката ѝ беше дијагностициран синдром на вкочанета личност (Stiff-Person Syndrome – SPS), ретко невролошко и автоимуно нарушување кое предизвикува вкочанетост на мускулите и ја оневозможува способноста за одење и пеење.
Нејзината борба со оваа тешка болест е прикажана во документарниот филм од 2024 година, „Јас сум: Селин Дион“ (I Am: Celine Dion), во режија на Ирена Тејлор. Покрај ова, Дион неодамна даде интервју и за документарец на францускиот канал „М6“, каде што зборуваше за својата долгогодишна соработка со легендарниот кантаутор Жан-Жак Голдман.


