Фото: Инстаграм/Селин Дион

Селин Дион руши рекорди – дури 9 милиони луѓе се обиделе да купат карти за нејзините концерти во Париз

Враќањето на сцената на Селин Дион во Париз предизвика невиден интерес, а побарувачката за влезници се опишува како историска, пишуваат француските медиуми.

Канадската музичка дива во понеделникот, на својот 58. роденден, најави десет ексклузивни концерти во арената „Ла Дефанс Арена“, кои ќе се одржат од 12 септември до 14 октомври.

Од продукцијата не го кријат воодушевувањето од интересот.

„Ова е лудило, историски момент“, изјавија ден по објавата, додавајќи дека системот за продажба на билети издржал огромен притисок.

Според француските медиуми, дури 9 милиони луѓе се регистрирале во обид да обезбедат карти, што би можело да претставува светски рекорд. Само еден час по објавувањето на видеото на пејачката, на нејзината официјална страница чекале околу 500.000 луѓе, додека до следниот ден бројот на пријавени надминал еден милион. Во меѓувреме, биле регистрирани и повеќе од 10 милиони обиди за пристап преку т.н. „ботови“, кои се користат за препродажба на билети на црниот пазар. Организаторите нагласуваат дека токму поради вакви злоупотреби, воведени се строги системи за проверка.

За десетте концерти во продажба се вкупно 330.000 билети, со оглед на тоа што арената има капацитет од 33.000 посетители по вечер. Цените се движат од 89,5 до 298,5 евра.

Да потсетиме, пејачката со години се бори со синдромот на вкочанета личност – ретко невролошко нарушување кое предизвикува вкочанетост на мускулите и болни грчеви.

Селин Дион првпат откри дека боледува од оваа состојба во 2022 година, кога беше принудена да ја откаже турнејата.

„Овие грчеви влијаат на секој аспект од мојот живот. Понекогаш ми го отежнуваат одењето и не ми дозволуваат да пеам како порано“, изјави таа тогаш.

И покрај предизвиците, таа останува решена да се врати на сцената.

„Верувам во себе и нема да дозволам ова нарушување да го контролира мојот живот. Ќе се вратам на сцената“, порача пејачката.

Нејзината борба е документирана и во документарецот „Јас сум: Селион Дион“ (I Am: Celine Dion), а публиката имаше можност повторно да ја види и на отворањето на Летните олимписки игри 2024, каде што ја изведе песната „L’Hymne à l’Amour“ од Едит Пјаф.

Во чест на нејзиното враќање, Ајфеловата кула беше осветлена со нејзиното име.

ВИДЕО | Селин Дион се враќа на сцената по тешката борба со болеста: „Ова е најубавиот подарок во животот“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот