Сејдини: ФФМ ја презема одговорноста за бојата на дресовите, на ЕП сакаме да играме со старите дресови

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По бурата која се крена во јавноста и кај навивачите од новиот дизајн на дресовите со кои фудбалската репрезентација на Македонија требаше да настапи на ЕП, во ФФМ го сменија мислењето и најавија дека фудбалерите на континенталниот собир ќе играат со старите дресови.
Според новиот дизајн, избраниците на селекторот на Игор Ангеловски, на Евро 2020 требаше да играат со нови дресови кои спонзорот Јако ги изработи, но тие не се во стандардните црвено-жолти бои, туку во темно црвена боја на која го нема ниту знамето. Поради тоа преку соопштение се огласи претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, кој призна дека вината е кај ФФМ и кај „Јако“, но и најави дека ќе побара од УЕФА, Македонија да настапи со старите дресови.

ФОТО: За „Гранде Пандев“ црвената боја поубаво стои на македонскиот дрес!

„Драги навивачи на македонската репрезентација,
Како претседател на Фудбалската федерација на Македонија чувствувам обврска да се обратам до фудбалското семејство во врска со промоцијата на новиот дрес на македонската репрезентација за Европското првенство.

Најпрвин, изразувам искрено жалење за негативните реакции кои што беа предизвикани од бојата на новиот дрес. Свесни сме дека репрезентативниот дрес претставува чест и амбиција на секој фудбалер уште од најрана возраст.  

Репрезентативниот дрес беше подготвен со голема радост на барање на фудбалерите. Тимот бараше нови репрезентативни дресови. Ние сакавме да го исполниме тоа барање. За жал, техничката поддршка во однос на бојата на дресот не е во согласност со барањата на ФФМ. Федерацијата и службите во ФФМ целосно ја преземаат одговорноста за овој избор, но исто така ќе побараат одговорност и од техничкиот партнер.

Како претседател на федерацијата ја преземам мојата одговорност за евентуални последици и најавувам дека на Европското првенство ќе играме со досегашните дресови.
Тоа што не влијаев и имав доверба во работата на службите во ФФМ во креирањето на новиот дрес, не значи дека треба да молчиме кога пошироката јавност го искажува своето мислење. Инсистирам настапот на Европското првенство да биде запаметен по прекрасниот успех што го направивме и да не биде засенет со работи кои се полесни за решавање.

Поради реакциите од бојата на дресот, ние како Фудбалска федерација на Македонија пративме допис до УЕФА со кој бараме натпреварите од Европското првенство да ги одиграме со актуелните дресови. Се надевам дека УЕФА ќе има разбирање за нашето барање и ќе излезе во пресрет на истото.

Со актуелниот репрезентативен дрес игравме на Европското првенство 2017, со тој дрес остваривме историски пласман на ЕУРО 2020 и со тој дрес ќе се претставиме на првенството кое со нетрпение го очекуваме. Ве повикувам со добра мисла да ги испратиме нашите херои на Европското првенство. Навивачкиот дух да им биде ветер во грб“, стпо во соопштението на претседателот на ФФМ.

Секоја победа на фудбалерите на ЕП ќе им носи по 300.000 евра

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот