СЕХА: Еурофарм Пелистер ѝ се реваншираше на Војводина во Битола

фото: РК Еурофарм Пелистер

Екипата на Еурофарм Пелистер се реваншираше за поразот во Нови Сад (29:24), откако на свој паркет во Битола ја совлада Војводина со 30:25 во рамките од групата „А“. По првото полувреме во салата „Боро Чурлевски“ водеа играчите на Ларс Валтер со 14:12. Тоа беше прв триумф за македонскиот вицешампион сезонава во СЕХА Газпром лигата.

Битолчани успеаја подобро да го отворат натпреварот и брзо стекнаа позитива од четири голови разлика (5:1). Но, гостите од Србија не дозволија предноста да расте, па намалија нешто од негативата по првите 30 минути.

Во второто полувреме Еурофарм Пелистер одржуваше високо темпо на игра кое не можеше да го следи противникот, па оваа победа ќе биде добредојдена за кревање на самодовербата кај ракометарите на Валтер (по елиминацијата од ЕХФ Лига Европа) пред понатамошните мечеви оваа сезона.

Каспер Кисум за домашниот тим имаше одличен настап постигнувајќи девет голови, додека Вилсон Дејвис запиша седум. Нашиот репрезентативен голман Марко Кизиќ го заврши мечот со 12 одбрани. Во редовите на Војводина најрасположен беше Никола Ковачевиќ со осум погодоци.

И покрај поразот, Војводина останува на врвот на табелата во групата А со шест бода од три средби, додека второпласираниот Нексе и третопласираниот Еурофарм Пелистер имаат по три.

Во следните настапи во СЕХА – Газпром лигата, Војводина за една недела ќе отпатува во Нашице на дуел со Нексе, додека Еурофарм Пелистер пет дена подоцна ќе го пречека хрватскиот вицешампион.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот