Се враќа ли корона кризата повторно? Светските берзи испраќаат исти знаци како во февруари

Инвеститорите ширум светот се исплашени, индексите на берзите повторно секојдневно се во црвено поле, а цената на нафтата која почна да се опоравува, по втор пат тргна кон минус.
Ова се вестите на кои само на кратко заборавивме, а ваквите вести ги читавме во февруари, непосредно пред прогласувањето на пандемија од новиот корона вирус. Невозможно е да не се запрашате дали светските берзи ни испраќаат знак за доаѓање на втор бран од вирусот и нова економска криза?
На најголемата светска берза на „Wall street“, по тридневен силен раст, индексот Дау Џонс и S&P 500 забележаа пад бидејќи расте стравот на инвеститорите поради силниот раст на бројот на заразени лица од корона вирусот во најмалку шест сојузни држави во САД. Расте и бројот на невработени, а американските берзантски индекси речиси секојдневно се во минус барем еден отсто.
На азиските берзи и денеска се тргува претпазливо, што пак тамошните медиуми го толкуваат како спласнување на надежите на инвеститорите за опоравување на економијата. Инвеститорите се загрижени и од вестите од Кина каде поради повторно појавување на кластери со заразени откажани се повеќе од илјада летови, затворени се делови од Пекинг, како и училиштата.
Во компаниите „Митсубиши и Морган Стенли Секјуритис“ велат дека инвеститорите верувале во опоравување во периодот од јули до септември, но дека сега малкумина веруваат во такво сценарио.