Сè повеќе ученици следат онлајн настава, образовниот процес тече непречено, вели МОН

Фото = Архива

Од почетокот на учебната година до денеска бројот на ученици кои следат настава од далечина е зголемен за 17 проценти, односно околу 87 отсто од учениците успешно ја следат онлајн наставата, информира Министерството за образование и наука. 

-Благодарение на воспоставениот начин на учење од далечина, наставата успешно се спроведува во време на пандемија. За останатиот дел кои немаат уреди, или интернет конекција часовите се емитуваат на телевизија преку Националната радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал. Министерството за образование и наука е во постојана комуникација со директорите на училиштата и локалните самоуправи и тековно се работи на обезбедување услови за непречено функционирање на онлајн наставата, се вели во соопштението од МОН.

Од Министерството апелираат наставниците и учениците кои наставата ја следат со физичко присуство, доследно да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата со што ќе го спречат ширењето на болеста.

Од целокупното одговорно однесување, велат од МОН, ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата.

Протоколите за заштита од заразата, потенцираат од Министерството, докажано функционираат, ако сите се придржуваат на пропишаните мерки за заштита. 

МОН вчера информираше дека вкупно има 42 активни случаи на ковид-19 кај учениците и 65 кај наставници. Од нив, 29 ученици се од основно образование, а 13 од средно, додека 47 наставници се од основно, а 18 од средно образование.

Исто така, информираше и дека успешно се спроведува наставата од далечина и околу 87 проценти од учениците ги следат часовите онлајн без никакви потешкоти. За останатиот дел кои немаат уреди, или интернет-конекција МОН потсети дека часовите се емитуваат на Македонската радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот