Се огласи хрватскиот музичар што беше претепан на раскалашената прослава во Загреб: Имам потрес на мозокот, скршени ребра…
Клавијатуристот на хрватскиот бенд „Џој“ Дамир Риѓан (50) е брутално претепан на божиќна забава во Загреб. На журката на која биле вработени од јавниот превоз во Загреб, ситуацијата излегла од контрола, а видеото од прославата се прошири на социјалните мрежи.
Препорачано
Дамир Риѓан по овој повод се огласил за хрватските медиуми.
– Имам потрес на мозокот, скршени ребра, вилица, конци. Ме нападнаа 15-20 луѓе. Поминав два дена во итната помош, сега сум на домашно лекување. Закрепнувањето ќе трае еден месец. Сите договорени настапи ми пропаднаа. Бендот продолжува да свири, но јас не – рекол Риѓан, основачот на групата „Џој“ со која својата кариера ја започна и хрватската пејачка Маја Шупут.
Тој со Маја Шупут сè уште не се слушнал, но добил многу пораки за поддршка преку социјалните мрежи.
Поради истрагата што е во тек, музичарот не можел да даде повеќе информации за самиот инцидент.
Синдикалната забава на членовите на ЗЕТ – јавен превоз во Загреб, се одржал на 19 декември. Тоа требало да биде празнична прослава за 460 гости, но работите брзо излегле од контрола. Приемот се претворил во дива забава со танцување на маса, а потоа и со брутален физички напад врз член на бендот. На видеото се гледа како гостин се качува на маса, ги спушта панталоните и танцува гол додека дел од насобраните го бодрат.
За сето тоа на „Инстаграм“ се огласи и пејачот на групата „Џој“, Ален Бичевиќ.
„Драги наши,
во продолжение во врска со објавите на порталите, со ова можеме да потврдиме дека на приемот на Синдикатот на вработените во ЗЕТ, нашиот член на бендот се здоби со тешки телесни повреди поради дивјачкиот напад од страна на неколку лица кои присуствуваа на споменатиот прием и во моментот се опоравува дома откако беше отпуштен од болница. Не сме во можност да коментираме за понатамошните детали за овој варварски чин од страна на поединци, со оглед на тоа што истрагата е во тек и тоа би ја нарушило нејзината тајност, но секако се надеваме дека вработените во МУП ќе сторат сè што е можно за да ги казнат одговорните. Ви благодариме на сите за многубројните повици и пораките за поддршка“, се вели во соопштението.
Организаторот на настанот, Синдикатот на автобускиот и трамвајскиот сообраќај Хрватска – Загреб, издал официјално соопштение на 20 декември.
– Синдикатот на автобускиот и трамвајскиот сообраќај Хрватска – Загреб се оградува од дејствијата и постапките на поединци. На настан на кој присуствуваат 460 членови на синдикатот, тешко е секој да се држи и да се предвиди што ќе направи некој во даден момент. Едно е сигурно, а тоа е дека учесниците на овој настан ќе бидат исклучени од членство во синдикатот. Некои работи не можат и нема да се толерираат – се вели во соопштението.


