ВИДЕО | Развратна забава „од работа“ во Хрватска: Гости на маса се качувале голи, на музичар му скршиле ребра
Она што требало да биде претпразнично собирање и прослава на крајот на деловната година за вработените во загрепскиот јавен превоз, се претворило во невиден скандал со развратно однесување, масовен хаос и брутално физичко насилство, објавија хрватските медиуми.
Препорачано
Божиќната забава организирана од Синдикатот за автобуси и трамваи, одржана на 19 декември во Ругвица кај Загреб, ескалирала во доцните часови, а епилогот се сериозни повреди на членовите на ангажираниот бенд и полициска истрага.
Снимките од прославата, на која присуствувале најмалку 460 гости, се проширија низ социјалните мрежи со молскавична брзина. Видеата прикажуваат момент во кој еден од гостите се качува на масата, ги спушта панталоните и танцува гол, додека дел од публиката го бодри со смеа и извици.
Но, дивата забава набрзо добила темен тон. За време на настапот на познатата група „Џој“, неколку гости, од сè уште непознати причини, физички ги нападнале музичарите на сцената.
Нападот, според медиумите, бил брутален. Еден член на бендот претрпел сериозни повреди: неколку скршени ребра, модринки на лицето и расеченици на главата и торзото, за кои биле потребни конци. Нападнатиот музичар потврди за медиумите дека се случил инцидентот, но поради тековната кривична истрага, не сакаше да даде детали.
Невен Брњаш, поранешен раководител на синдикатот на ЗЕТ, исто така сведочеше за ужасните сцени.
„Навистина ми е жал што се случи. Она што се случи таму од самиот почеток не беше нормално. Се соблекоа голи, претепаа член на бендот затоа што еден од нив се качуваше на сцената од која сакаа да го отстранат. Беше турнат од голем број луѓе откако падна од сцената“, го опиша насилството Брњаш.
Организаторот, Хрватскиот синдикат за автобуси и трамваи – Загреб, издаде официјално соопштение еден ден по инцидентот. Иако најавија санкции за учесниците, во соопштението за медиумите делумно се дистанцираа од одговорност, префрлајќи го фокусот на „поединци“, но и на нивните критичари.
„На настан на кој присуствуваат 460 членови на Синдикатот, тешко е да се следи секого и да се предвиди што ќе направи некој во даден момент. Едно е сигурно, а тоа е дека учесниците на непосакуван настан ќе бидат исклучени од членство во Синдикатот“, се наведува во соопштението за медиумите.
Загрепската полиција спроведува истрага за да се утврдат сите околности на овој сериозен инцидент и да се идентификуваат сите напаѓачи на музичарите.


