Фото: Фејсбук

Се чисти коритото и ѓубросаниот кеј на Серава, ќе се спречат ли загадувачите?

Реакцијата на надлежните е и тоа како задоцнета, земајќи предвид дека во коритото поради години негрижа израснале треви и растенија, а воопшто не помогнало тоа што речното корито подолг период беше мета на несовесни граѓани што полнејќи го со секакво ѓубре го докрајчија водостојот и течението на Серава.

По многубројни ветувања, получистења и долгогодишно загадување на водата, коритото и просторот околу најкритичната локација на реката Серава во Бутел – просторот покрај булеварот „Александар Урдаревски“ во непосредна близина на гробиштата „Бутел“ од петокот започна да се чисти и да се доведе до ликот што го заслужува една од најстарите реки во Скопје.

Започнува изградбата на речното корито и на трим патека на Серава

Повеќе од една година оваа локација воопшто не ни беше допрена од „комуналната рака“ на Општина Бутел, а речното корито со децении беше презагадено, со намален водостој и со обраснати треви и дрвја, без генерално чистење од Град Скопје.

Коритото уништено, зеленилото претворено во депонија

Зелената површина, која до пред некоја година изобилуваше околу реката, денес е депонија и до петокот беше натрупана со секаков тип отпад, кој освен тоа што местото го правеше грдо за окото на жителите, со неговото натапкување низ години веројатно предизвика сериозни штети на почвата, а воедно и на речното корито.

„Слободен печат“ пред повеќе од една година ја „улови“ оваа локација што уште тогаш делуваше највалкана што може да биде бидејќи беше и повеќе од јасно дека ледината и речното корито со години биле користени како место за фрлање секаков тип отпад.

ГАЛЕРИЈА | Огромно ѓубриште во Бутел

Тогаш, правејќи обиколка околу дивата депонија, сфативме дека ѓубриштето е огромно и е поделено на неколку локации, кои се во непосредна близина една од друга, а депонираниот отпад се состоеше од стотици пластични ќеси со ѓубре, пластични канти, ќерамиди, штици, стаклени шишиња и друго ѓубре. Исто така, тогаш можеше да се забележат патки што „живеат“ и опстојуваат во речното корито, опкружени со автомобилски гуми, пластични шишиња и кабаст отпад.

Дива депонија покрај Серава во Бутел / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Реката Серава како една од постарите реки во скопската околина е исклучително значајна поради тоа што директно од северната страна се припојува во течението на реката Вардар.

Сепак, ние во неколку наврати се обидовме да стапиме во контакт со Општина Бутел како надлежна за површината околу реката и речното корито што беше претворено во депонија, и со Градот Скопје како надлежен за сиот хаос што се случуваше во речното корито, што наликуваше на сè освен на река што треба да биде потпора и да се влева во Вардар.

ФОТО | Купишта ѓубре во коритото на Серава, покрај неа „никнала“ и дива депонија

Во одредени периоди ние ја „потсетувавме“ Општината дека на 500-тина метри од нивната општинска зграда постои огромна депонија на којашто ѝ треба генерално чистење и ревитализирање на зелените површини, но оттаму ниту еднаш не добивме одговор, ниту пак видовме реакција што би била мотивирана од нашите стории.

Цела година местото сè повеќе „тонеше“ во ѓубре

Последно, пред околу еден месец „Слободен печат“ повторно отиде на локацијата во Бутел, за која иако сметавме дека не може да биде повалкана од сликата што ја имавме од минатата година, се запрепастивме кога видовме дека таа веќе во голем дел го имаше покриено и уништено целото зеленило и количината ѓубре беше зголемена за неколкупати.

Дива депонија покрај Серава во Бутел / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Тогаш на оваа локација можеше да се забележи дека поради врнежливиот период, водата е целосно заматена и го крие ѓубрестото корито, а околу реката имаше неколку „планини“ од ѓубре.

Овие ѓубришта беа полни со стар мебел, пластични лајсни, автомобилски гуми, бела техника, односно на оваа локација буквално можеше да се пронајде сè и сешто.

По четири години конечно почна втората фаза од уредувањето на коритото на Серава

Местото беше калливо и се ширеше лоша миризба, па тогаш повторно ѝ посочивме на Општина Бутел дека треба сериозно да се позанимава со оваа локација на Серава, каде што речното корито и просторот е најуништен, но оттаму повторно не добивме одговор.

Конечно, реакција од надлежните

Иако не добивме одговор, кратко по нашата последна сторија за депонијата во Бутел имаше реакција од надлежните откако во петокот со заедничката објава на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и на неговиот колега од Бутел Дарко Костовски информираа дека конечно започнува голема акција за чистење на коритото на Серава и уредување на просторот околу реката.

Фото: Фејсбук

Градоначалникот на Скопје соопшти дека по чистење на депонијата, просторот што сега е ѓубросан и исполнет со секаков вид отпад треба да се уреди со пешачка патека, детски катчиња и неколку места за спортска рекреација.

– По две децении темелно се чисти и се уредува коритото на реката Серава. Градиме и пешачка патека, детски катчиња за нашите најмлади и современо ЛЕД-осветлување, со што создаваме место за спорт и рекреација, но и простор за безгрижна игра и убави заеднички спомени. Создаваме средина во која граѓаните ќе се чувствуваат гордо, безбедно и исполнето – напиша Ѓорѓиевски на почетокот на акцијата за чистење на Серава.

Реакцијата на надлежните е и тоа како задоцнета, земајќи предвид дека во коритото поради години негрижа израснале треви и растенија, а воопшто не помогнало тоа што речното корито подолг период беше мета на несовесни граѓани, кои полнејќи го со секакво ѓубре, го докрајчија водостојот и течението на Серава.

Граѓаните реагираа дека оваа акција била потребна години наназад, но во најголем број го поздравија ова чистење и планот за „враќање во живот“ на локацијата, но сепак посочија дека откако ќе се исчисти коритото и ќе се уреди ледината, потребна е сериозна контрола на просторот и казнување на загадувачите, за ова место да се сочува и никогаш повторно да не премине во ужасната депонија што со години ја уништуваше Серава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот