Фото: Монтажа / „Икс“

Русија психолошки ги тероризира балтичките држави

Инцидентите во балтичкиот регион ја откриваат новата реалност на источното крило на НАТО – војната во Украина веќе не е целосно географски затворена, туку се прелева во сивите зони на хибридните закани.

Балтичките држави деновиве го креваат алармот по нова серија дронски инциденти на источното крило на НАТО, откако летала навлегоа или се приближија до воздушниот простор на Латвија, Литванија и на Естонија, во услови на растечки тензии со Русија и сè почести предупредувања за електронско попречување и хибридни закани.

Пред неколку дена Латвија соопшти дека открила најмалку еден дрон што летал во воздушниот простор на земјата и дека биле активирани борбени авиони на НАТО за справување со заканата. Во истиот период, жителите на главниот град на Литванија, Вилнус, беа повикани да се засолнат, а претседателотт и премиерката беа одведени на безбедни локации поради тревога за активност на дронови блиску до границата со Белорусија. Пред две недели, два дрона од Русија влегоа во Латвија и се урнаа. Еден од дроновите падна врз складиште за нафта во градот Резекне, на околу 40 километри од границата со Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Русија се обидува подлабоко да ја вовлече Белорусија во војната во Украина и дека разгледува планови за напад врз северот на Украина или врз НАТО-членка од белоруска територија.

Дали станува збор за тактика на заплашување или Русија се спрема за нов фронт со земјите на НАТО?

Страв во Литванија поради дронови кај границата со Белорусија — жителите добија повик да се засолнат, претседателот и премиерката беа евакуирани

Овие инциденти се симптом на новата реалност на источното крило на НАТО, која покажува дека војната во Украина веќе не е целосно „географски затворена“. Борбата се прелева во сивите зони и вклучува хибридни закани, сајбер напади и користење електронска технологија за интерференција. Свеж пример за тоа е украинскиот дрон што влегол во воздушниот простор на Естонија бидејќи изгубил насока поради попречување од Русија.

Ова не е првпат Кремљ, директно или преку електронско попречување на навигациските сигнали, да создава тензии во земји-членки на НАТО. Паднати дронови или нарушувања на воздушниот простор во повеќе наврати се регистрирани во Латвија, Литванија и Естонија, Полска, Романија, Финска и Норвешка уште од почетокот на војната во Украина.

Кремљ тактички поттикнува страв

Целта, помеѓу другото, е и психолошка. Кремљ сака да предизвика паника кај цивилите, затворање на воздушниот простор и активирање на борбените авиони на НАТО за да го држи источното крило на штрек. Балтичките држави се мали, изложени и историски трауматизирани од руската моќ. Секој дрон од правец на Русија или на Белорусија предизвикува паника.

Суштината на модерната хибридна војна се напади кои на хартија не може да се наречат така. Со тоа, Москва ја тестира реакцијата на НАТО – колку бргу се активираат авионите, радарите и противвоздушната одбрана, како и колку бргу реагираат владите.

Второ, Кремљ се обидува да создаде раздор меѓу Украина и нејзините поддржувачи. Ако украински дрон заврши во Естонија или во Латвија, дури и поради руско попречување, Москва може да тврди дека Киев го „вовлекува НАТО“ или дека балтичкиот простор се користи за напади врз Русија. Со таа стратегија Москва ја разурнува стабилноста на Алијансата, а сепак не врши јасен напад за да го активира членот 5 за одбрана.

НАТО не смее да покаже слабост

НАТО, во вакви ситуации, мора да покаже конзистентност и кредибилитет, односно дека стои зад сите свои членки.

Балтичките земји немаат борбени авијации за целосно самостојна заштита на воздушниот простор, а Алијансата од 2004 година ја обезбедува мисијата „Балтик ер полисинг“. Затоа секое активирање на Ф-16 остава порака дека балтичките земји се заштитени.
Но, ова ја поставува Украина во незгодна позиција. Киев има легитимен воен интерес да ја гаѓа руската воена инфраструктура со дронови со долг дострел, но неговите сојузници очекуваат максимална прецизност.

Во тој контекст, на пример, полскиот министер за одбрана, Владислав Косиниак Камиш пред неколку дена истакна дека „Украина мора да биде многу прецизна со дроновите за да не ѝ остави простор на Русија да се вмеша во нивната траекторија“.

Трамп рече дека Америка ќе прати дополнителни 5.000 војници во Полска

Оваа реторика не покажува дека Алијансата се оддалечува од Украина, туку објективна грижа, сојузниците сакаат Русија да биде ослабена, но не сакаат неконтролирана ескалација меѓу НАТО и Москва.

Старите тенкови, фронтови, официјални објави на војна сега се заменети за евтини дронови, електронско војување и со сајбер закани. НАТО ќе мора да гради многу погуста противдронска и радарска мрежа на источното крило, но и да дефинира јасни правила кои ќе одделуваат несреќа или провокација од безбедносен напад.

Поддршката од Трамп е нестабилна

Треба да се земе предвид дека овие провокации на Кремљ се случуваат во контекст на затоплување на односите меѓу Русија и Америка кое се случува веќе подолго време, секако, поради прагматски причини.

Европските сојузници сега внимателно ја мерат идната американска улога во европската безбедност. Трамп најавува прераспоредувања и можни намалувања на американското воено присуство во Европа, а Москва можеби проценува дека Вашингтон нема апетит за директна конфронтација со Русија.

Во овој чувствителен момент за Алијансата се одржа и средбата на министрите за надворешни работи на НАТО во Шведска на 20 и на 21 мај, на која се разговараше за можното повлекување на американската војска од Европа, војната во Украина и за Иран.

Уште еден негативен сигнал од Вашингтон е изјавата на шефот на дипломатијата Марко Рубио, кој непосредно пред неговото заминување за Шведска рече дека „никој не е изненаден што САД, а особено претседателот, во моментов се многу разочарани од НАТО и од тоа што таа организација значи“.

Како една од причините, Рубио го наведе тоа што земји како Шпанија не сакаат да ѝ дозволат на американската армија да ги користи нивните бази за напади врз Иран.

– Доколку се одбие користење на базите, тогаш се поставува прашањето зошто воопшто се членува во НАТО – критикуваше Рубио, додавајќи дека Трамп не бара „да ги испратат своите борбени авиони, но тие одбиваат воопшто да направат нешто, а ние сме многу вознемирени поради тоа“.

Иако е дискутабилно дали постои некаква емоција на вознемиреност или, пак, станува збор за реторика на вршење притисок во која нема место за чувства, сепак, Америка може навистина да повлече дел од својата војска, а деталите за темпото и за обемот остануваат нејасни, доколку тоа навистина се случи.

Марк Руте и европските министри настојуваат оваа промена да ја претстават како „можност за поправедна распределба на одговорноста“, без да се доведе во прашање трансатлантското единство.

Средба на НАТO во Шведска: Расположението било и подобро

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот